Најмалку 15 американски војници биле ранети во последниот ирански напад врз саудиска воздухопловна база во која се сместени американски војници. Стотици луѓе од американскиот персонал се убиени или повредени во регионот откако САД започнаа војна против Иран пред нешто повеќе од еден месец.
Доналд Трамп рече дека жртвите се неизбежни.
„Кога имате вакви конфликти, секогаш имате смрт“ рече тој убедувајќи ја јавноста дека родителите на убиените војници го молеле да ја доврши работата која ја започнал.
Неделава тој најави дека ќе ја заврши војната со Иран за две недели (иако не постигна многу од неговите наведени цели, како што се „слобода за народот“ на Иран, „преземање на нафтата во Иран“ и принудување на Иран на „безусловно предавање“).
Во еден момент, тој имаше изјавено дека војната ќе трае колку што е потребно за да се постигне целта за „МИР НА ЦЕЛИОТ БЛИСКИ ИСТОК И ВО СВЕТОТ!“
Жртвите се тема која Пит Хегсет и Белата куќа сакаат да ја држат во голема тајност, рекол функционер за одбрана под услов на анонимност.
Редакцијата се потсетува дека пред две години, за време на Бајден, Пентагон им обезбедил хронологии на нападите врз американските бази на Блискиот Исток, во кои се наведени специфичните позиции што биле нападнати, видот на нападот и дали - или колку - жртви имало.
Денес не е така.
„ЦЕНТКОМ и Белата куќа треба да обезбедат точни и навремени информации за трошоците и жртвите во оваа војна. На крајот на краиштата, американските даночни обврзници се тие што ја финансираат, а економскиот просперитет и економската благосостојба на САД е она што е поткопано од неа“, изјави Џенифер Кавана, директорка за воена анализа во еден тинк-тенк.
Пентагон не дава ни податоци кои и колку бази биле нападнати, но анализа на Интерсепт открива дека цел на напади биле базите во Бахреин, Ирак, Јордан, Кувајт, Катар, Саудиска Арабија, Сирија и Обединетите Арапски Емирати.
Иранските напади ги принудија американските трупи да се повлечат од своите бази во хотели и канцелариски згради низ регионот.
„САД изградија 13 воени бази на Блискиот Исток за да го прошират влијанието и да ја гарантираат безбедноста на арапските сојузници. Сега овие бази не можат ни самите да се заштитат“, пишавме овде.