Базите во Кувајт претрпеа најголема штета, бидејќи се најблиску до Иран. Шестмина Американци беа убиени кога во напад беше уништен тактички оперативен центар во Порт Шуаиба. Во „Али Ал Салем“ беа погодени авиони. Во „Камп Буринг“ се уништени објектите за одржување и за гориво.
Во Катар, оштетен е радарот за рано предупредување во регионалниот воздухопловен штаб на Централната команда. Во Бахреин, дрон ја погоди опремата за комуникации на Петтата флота. Во Саудиска Арабија, воздухопловната база „Принц Султан“ изгуби неколку летечки танкери за полнење гориво и комуникациска опрема.
Голем дел од персоналот е префрлен на „алтернативни“ локации во кои има можност да работи од далечина, но со ограничен капацитет.
До пред еден месец САД имаа распоредено близу 40.000 војници и офицери во базите во сојузничките земји на Блискиот Исток. Кога почна војната со Иран, Централната команда прераспореди на побезбедни места илјадници офицери, некои дури и во Европа, тврдат извори на Њујорк тајмс. Распрснувањето на персоналот ги отежнува воените напори.
Има можност за воспоставување алтернативни оперативни центри, но се губи капацитетот. Не можете да ја префрлите целата опрема на покрив на хотел, коментира Вес Брајант, пензиониран специјалист за операции во Воздухопловните сили на САД.
Војниците на алтернативните работни места се изложени на повисок безбедносен ризик. Проиранска милиција во Ирак во првите денови од војната веќе изврши напади со рој беспилотни летала врз луксузен хотел во Ербил.

Техеран ги обвинува САД дека ги користи цивилите во хотелите како живи штитови. Иранската Револуционерна гарда ги повика жителите на арапските земји да ја пријават секоја локација на која се префрлени американски војници.
Принудени сме да ги идентификуваме и да ги напаѓаме Американците. Подобро е да не ги засолнувате во хотели и да се држите подалеку од нивните локации. Ваша исламска должност е точно да ги пријавите скривалиштата на американските терористи и да ни ги испратите информациите преку Телеграм, порача разузнавачката служба на Револуционерната гарда, според новинската агенција Тасним.
Ранливоста на американските бази е последица на долгогодишните воени интервенции на САД во Ирак и во Авганистан. Тогаш беше зајакната безбедноста само на објектите што беа во воените зони, како Баграм во Авганистан или Амбасадата во Багдад, а беа изградени нови бази на периферијата - на териториите на арапските сојузници. Но, талибанците немаа проектили, за разлика од Иранците.