Интервју

Јован Шапе, феномен во македонската одбојка

„Само да ме гледаш и ќе се измориш од моето темпо. Од сала не сум излезен“, вели Јован Шапе, неуморен борец кој душата ја дава за одбојката и кој маршира силно паралелно и во женска и во машка конкуренција. Полн со ентузијазам, желба и љубов за спортот во кој е сè. Медалите не се бројат.

Во едно интервју е невозможно да го прераскажеме одбојкарскиот живот на Шапе. Почнува во 1991-ва, колку што постои независна Македонија, трае 35 години и најавува дека ќе трае уште многу.

Шест дена по освојувањето на Купот на Македонија со Вардар, прашањата ни ги одговарал до 3 по полноќ, со барање интервјуто да го продолжиме во живо. Причината е сосема логична. Човекот нема време. На одбојка е од сабајле до вечер.

Јован Шапе (45) е тренер на Вардар ЕМ во женска конкуренција со кој минатиот викенд направи чудо, а паралелно го тренира и ОК Скопје во машка, клуб кој го управува и во кој се појавува по потреба и во улога на играч.

Со вардарки стана хит број 1. Само три месеци откако го ангажираа, тој во саботата во Јане Сандански го освои Купот на Македонија и тоа во деби настапот, елиминирајќи не еден, туку три фаворити.

Паралелно, ОК Скопје, кој го формираше пред само две години, го води со сите можни улоги. Со крпени средства и без плати, стигна до 9-та позиција во првата лига од 12 екипи. Помошници му се Ѓорѓи Придаенкоски кај мажите и Мелани Цилева кај жените.

Во CV-то како играч или тренер му стојат Нико Доага, 11 Октомври, Форца, Безбедност, Синалко, KV Drenica Rukolli – Skenderaj (Косово), Весна Пробиштип, Лирија, Борец Велес, Работнички...

Неодамна како асистент тренер на женскиот тим на Работнички го освои Купот и првенството на Македонија, а како играч/тренер го подигна Борец Велес со кој заврши втор во Куп и првенство.

Успеси? Погледнете ја сликата со медалите и читајте тука:

Дали е тоа сè? Ма јок. Шапе е професор по физичко во средното училиште Корчагин, каде ги води и школските екипи во машка и женска конкуренција. Ја живна одбојката и таму, а лани дови повик за селектор на У-18 на Летните Олимписки игри во Скопје.

Сензацијата на сезоната во македонската одбојка се вика Вардар ЕМ и Јован Шапе. Во деби настапот во Фајнлфор стигнавте до трофејот. Какво е чувството? Свесни ли сте за успехот? И како прославивте?

Чувството е прекрасно. Мераци, радости, задоволство и не знам уште што да ти набројам од што сум среќен, се осеќа тоа нели :). Помалку свесни дека конкурентите ги елиминиравме сите со по 3:0, полека се освестуваме од сензацијата што ја приредивме. Секако дека прославивме, најпрвин во кафана, како што е редно нели, сите сме гурманчиња на свој начин, како што сме гладни за победа, така и за храна :)). Потоа отидовме во диско и ја завршивме вечерта како што посакувавме.

Како дојде до соработката во Вардар ЕМ и со каков ростер располагате? Верувавте дека можевте да стигнете веднаш до врвот во Купот на Македонија?

Соработката со Вардар ЕМ започна на полусезона и морам да признаам дека одлуката за премин не ми беше ни малку лесна. После долги разговори со Ема и Мими, барање решенија, решавање на равенки со 3 непознати, буквално пред истек на преодниот рок, дојдовме до заеднички договор кој на крај испадна дека е правилен избор.
Во тимот реално располагаме малтене со една постава, малку тенки сме на клупа и на одредени позиции не дека немаме замена, туку немаме замена со ист квалитет како првата постава. Девојките на клупа се млади, без искуство од големи натпреварувања, но со многу мотив и желба за напредок. Еден ден нив ги гледам како лидери во тимот. На почетокот на моето доаѓање можеби не толку, но како поминуваше времето, со мојот сериозен пристап на тренинзите, дисциплината и начинот на работа и кога почнаа да се нижат победите, вербата беше се поголема. Посебно можам да ги издвојам победата на повеќекратниот шампион Работнички со 3-0, потоа одличната екипа на Газели со 3-0 и на крај актуелниот шампион Наковски Волеј исто со 3-0 на кој му беше само втор пораз во целокупните натпреварувања.

Паралелно работите и во машка конкуренција како тренер во ОК Скопје? Како настана овој клуб и како ви оди таму?

Овој клуб настана спонтано во една седенка со нашите пријатели и другари во кафулето Галери во Карпош :). Клубот постои само 2 години и се натпреварува во првата македонска лига, главно со млади играчи. Можам слободно да кажам дека ни оди одлично, од 12 екипи завршивме на 9-то место, со тоа што успеавме да направиме и двајца репрезентативци до 18 години.

Клубот игра во прва лига, а истовремено функционира и школата каде се калат деца. Имате ли поддршка? Како се финасирате?

Школата функционира беспрекорно како машките така и девојчињата. Тренинзите се одвиваат во школските сали во Центар и во Карпош. Поради зголемениот интерес на деца од следната сезона планираме да се прошириме и во другите општини. Секако дека имаме поддршка, инаку како без неа. Благодарност до нашите партнери и пријатели SPORTLIFE, GELITA CH Alpha Improving Quality of life, SPORTMASTER без кои не ќе можевме да го издржиме првенството. Отворени сме за соработка и за други спонзори, со Господ напред ќе ни требаат и тоа како за следната сезона. После две години прволигашки статус (такво е правилото), од оваа година се стекнавме и со ваучер од државата, бидеќи предходните две години немавме право и едвај ги издржавме финансиски. Се надеваме од следната натпреварувачка сезона, како што растеме како клуб, така ќе растат и спонзорите.

Ве нарековме феномен во македонската одбојка, бидејќи истовремено сте тренер на прволигашот ЖОК Вардар, тренер и играч на вашиот клуб, прволигашот ОК Скопје, каде тренирате и деца, а како професор по физичко во Корчагин, ги тренирате и школските екипи во машка и женска конкуренција. Изгледа ќе мора да ве клонираме а? Знаете ли вие за одмор? Како се стигнува сево ова?

Хахаха токму така, клонирање му е мајката. Искрено многу тешко, ама кога кажувам многу, значи најмногу. Голема жртва треба да дадеш. Тоа не се прави преку ноќ. Цели денови поминати во сала и многу ноќи непреспиени. Само да ме гледаш и ќе се измориш од моето темпо. Одам на работа, таму имам часови по физичко, па тренинзи со школскиот клуб, потоа тренинзи со млади категории, па тренинзи со големи категории и на крај трнинзи со сениори (прв тим) итн....А каде е фамилијата и обврските околу неа, другари, пријатели...?

Јован Шапе и Тоше Проески во Крушево

Како започна одбојкарската приказна на Јован Шапе?

Моите почетоци во одбојката датираат од 1991-ва кога имав 11 години (петто одделение). Тогашниот професор и тренер на ОК Нико Доага, Димче Димески (прекар Курназот) направи една селекција на ученици од петто до осмо за да формира подмладок на првиот тим. Уште од првиот тренинг ме покажа со прст. Без разлика што бев најмал и најнизок, за разлика од седмо и осмоодделенците, продолжив со нив и еве до ден денес сум со одбојката. Инаку Нико Доага на времето се натпреварување во втората југословенска лига. Теренот во Крушево беше тежок за освојување во време на Југославија и потоа во првата македонска лига од тогашните Работнички, Струмица, Борец. Кратко време играв и фудбал. Како средношколец на 15 години додека учев во Прилеп, играв во Победа, а потоа во Питу Гули во Крушево. На полусезона давав по 16 гола. Како скочен одбојкар со глава, не можеа да ме пипнат. Плус бев и брз, 100 метри ги трчав за 11 секунди. Додека кратко време играв фудбал, не можам да скријам дека паралелно не ја играв одбојката.

Ќе ве навратиме и на една крушевска одбојкарска приказна која се вика Синалко, каде играше и вашиот другар Тоше Проески. Може ли збор два за тие времиња?

Додека кусо време играв фудбал во средно, ме повикаа во одбојкарскиот клуб 11 Октомври, кој се формираше во тоа време. За една година влеговме во прва лига и токму во тој период се формираше Синалко, каде играше Тоше. Со него инаку бевме заедно претходно во Нико Доага и игравме финале на државно првенство против Струмица, каде играше Хари Наковски. Ние завршивме втори во тоа првенство за основни училиште во Македонија. Инаку во 11 октомври имавме силна екипа и на полусезона бевме трети со Сашко Миланов, Зоран Жабев, Катеринчо Груев. Бевме многу добри во прва лига. Работнички со Јошко Миленковски беше прв, а многу јака беше и Струмица. Во Прилеп игравме пријателска со Црвена Ѕвезда, крцаа трибините 2.500 луѓе публика. На Јутјуб има снимка. Тогаш за Ѕвезда играа Станковиќ и Бјелица кои настапуваа и во Италија. Страшен тим имаа. Игравме и во Европскиот Челинџ Куп со екипата Нефелс од Швајцарија, како и против екипа од Естонија.

Тоше од трибина го следеше мечот. Се сеќавам на еден другарски дијалот после мечот. Тој ми рече: Шапе, мора да дојдеш кај нас во Синалко во втора лига, а јас: Слаб си брат, во втора лига играш, за да ме стасаш, треба сомуни да јадеш. Се зезавме, му велам, јас не можам во втора лига да играм. Ние многу живеевме, како браќа бевме и откако почина, јас после Пробиштип каде бев вицепрвак отидов да играм за Синалко, заедно со Христијан Ристевски, кој е тренер на Штип, инаку исто близок другар. Имаше тогаш некои финансии, се трудевме да направиме шампионска екипа кога Синалво влезе во прва лига. Сакав да помогнам за одбојката во Крушево и како неостварена желба да му ја остварам на Тоше, да освојам титула со Синалко и да му ја посветам на него. Многу ми е криво, а ме копкаше нешто да направам за него. Сепак завршивме втори во Македонија. Како коректор сум освојувал во тоа време по 40 поени. Јас многу си го сакам Крушево и еве како тренер можеби ќе имам прилика да му вратам. Се би направил за градот пак да живее со одбојката.

Колку во Македонија е ценета одбојката и на што треба да се работи најмногу за да се подигне нивото? Бидејќи одбојката и фудбалот на пример имаат сличности. Сите зборуваат за репрезентативните успеси, а лигите останува на ниски гранки.

Одбојката е попосетена од фудбалот и тоа може да се види и од преносите. Инаку ќе ти кажам еден податок. Статистички женската одбојка е најмасовен спорт во Македонија. Има најмногу клубови и најмногу играчи. Додека машката стагнира. Се помалку машки деца сакаат да играат одбојка. Затоа формирањето на мојата школа Волеј Стар Шапе, сега преименувама во ОК Скопје е таа. Сакам да ги мотивирам машките. Имам и девојчиња во клубот, но сакам на машките да им објаснам дека одбојката не е женски спорт, туку е спорт со традиција во нашата држава. За да се подигне нивото, потребна е сплотеност. Не може само едната страна да помага, а другата не. Треба и системски да се смени нешто, но јас се трудам да ја поттикнам желбата и кај државата и кај институциите. Овие две први години со ОК Скопје, на шкрги сме со финансии. Помагаа родители и спонзори, само за да ја избуткам сезоната. За плати да не правиме муабет, тоа е мислена именка.

Се живее ли во Македонија од одбојка? 

Реално од одбојка не се живее во Македонија. Ако се разработи тоа системски со ваучери и спонзори, можеби може. Тоа подразбира редовност на годишно ниво со активни спонзори и ваучери од државата. Кај нас и нормалното не е нормално, еве ви пример. Струмица 10-11 години континуирано е шампион на Македонија во машка конкуренција, се случи некој куршлус во управата, се растури тимот, играчите си замининаа и сега Струмица е само со деца. Во Македоја ретко некој да зема плата на годишно ниво. Договорот е на 8 месеци, прва и втора полусезона и потоа на лето си без приходи. Тоа за мене не е професионализам.

Со колкави годишни буџети располагаат прволигашките клубови, а колку се потребни за нормално функционирање?

Многу сме евтини, затоа мислам дека државата треба повеќе да вложува во одбојката, затоа што со најмали средства за разлика од другите спортови, ние резултати ќе направиме многу. Смешно звучи ова ако ви кажам дека за годишно функционирање се потребни 25.000 евра. Но, ова е скромно. За понормално функционирање би рекол околу 50.000 - 60.000 евра. И сега направи паралела со фудбал или кошарка. Не е за правење.

Како долгогодишен и неуморен работник во одбојката, може ли за крај една порака до државата и институциите, за тоа како да се вградат цврсти темели во овој спорт? Сепак зборуваме за спорт во Македонија кој го тренира секое второ или трето девојче, а вложувањето останува вечен проблем.

Дајте ми сала за работа и финансии и оставете на мене. Стручен штаб имаме. Ние се мачиме со основни работи. Јас не можам да најдам сала за тренинг со плаќање, а желбата е огромна. Ударните термини за тренинзи ги земаат фирми и јас морам во 21 да закажувам тренинзи, а на децата тоа им е доцна. Јас направив двајца репрезентативци во ОК Скопје, а имам желба, не двајца, 20 да направам. Од сала не сум излезен. Екипата во Корчагин ми е три години прво место во Скопје, а претходно немаше резултати во машката одбојка. Во Македонија треба да се негуваат традиционалните спортови, како борење, бокс, карате. Јас го почитувам секој спорт, но некаде можеби се вложува повеќе, а во одбојката каде имаме континуиран успех не нема нигде, посебно во машката одбојка. Мојата порака е државата да вложува повеќе во одбојката, бидејќи ќе ја претставуваме со успех и од срце. Не велам другите да се запостават, нека се вложува во сите. Но, дајте повеќе за одбојката бидејќи докажавме дека вредиме. Дајте ни финансии и услови, а патот е најден. Ќе продолживме уште подобро, бидејќи тука немаме намера да застанеме.

3 април 2026 - 15:39