Чеферин до Италијанците: „На што ви личат стадионите, можно е да останете без Европско“

Италијанската јавност, а во прв ред новинарите од оваа земја надмено се дрзнаа да го снимаат и сликаат стадионот „Билино поље“ во Зеница, да се исмеваат со староста и р'ѓосаноста и скромните соблекувални за играчите. Небаре не знаат дека исти такви стадиони имаат дома.

Фудбалска Италија доживеа нов нокдаун. Откако беше елиминирана на патот кон 2 Светски првенства еднаш од Шведска и еднаш од Македонија, сега по трет пат доживеаа дебакл. Ги исфрли Босна и Херцеговина на пенали.

Во меѓувреме оставки дадоа првиот човек на фудбалскиот сојуз на Италија Гравина и помошникот тренер во репрезентацијата Џанлуиџи Буфон.

Сега им стигна опомена и од УЕФА за состојбата на ужасните стадиони ширум земјата. А Италија доби домаќинство на Европско првенство 2032 заедно со Турција.

„Најголем проблем на италијанскиот фудбал е односот меѓу фудбалската политика и класичната политика. Кога сите би работеле во ист правец, наскоро повторно би станале европски и светски шампиони“, рекол Александар Чеферин првиот човек на УЕФА во интервју за Газета дело Спорт.

Чеферин изјавил дека целата вина не би требало да се става само на играчите и стручниот штаб на Италија туку и на фудбалските функционери.

„Можеби италијанските политичари би требало да се запрашаат зошто Италија има една од најлоши фудбалски инфраструктури во Европа“.

Европското 2032 е планирано да се игра во Италија и Турција.

„Се надевам дека инфраструктурата ќе биде спремна, во спротивно турнирот нема да се игра во Италија“.

Оваа критика од Чеферин не е ниту прва а сигурно ни последна до Италијанците. Тој минатата година зборуваше за катастрофална состојба на стадионите во Италија.

Првиот човек на Серија А, Лоренцо Казини тогаш апелираше до властите да ги поедностават процедурите за изградба и реконструкција на стадиони со цел да се забрзаат градежните работи пред Европското 2032.

Италија нема 10 стадиони кои исполнуваат стандарди за Европско првенство и еврокупови. За сега само три стадиони се целосно нови или модерно реновирани - оние во Удине, Бергамо и Торино.

Италија последен пат сама беше домаќин на Европско првенство во 1980-та а претходно и во 1968-ма. На Европското 2021 кое се играше во повеќе земји, само неколку натпревари се играа на „Олимпико“ во Рим.

Една од земјите која чека во позадина ако Италија отпадне од домаќинството 2032 е Русија чиј прв човек на фудбалскиот сојуз Александар Дјуков изјави: „Русија секогаш е спремна да организира турнир“.

Кандидатурата за Европско првенство 2032 Русија ја поднесе уште во 2022-ра година.

Италија ќе мора да ги модернизира стадионите, да изгради нови наместо дотраените и стари повеќе од 50-60 години. Интересно краен рок за предавање на листата стадиони е октомври 2026.

3 април 2026 - 09:27