11 (про)тези за германското финале

Ахмед Буриќ, редовен колумнист на Радио Сараево, парафразирајќи ги „11-те тези за Фоербах" од Маркс, раскажува зошто германското финале на Лигата на шампиони е мерак за сите кои се умориле од денешниот распоред на фудбалската (не)правда на овој свет.

- Главниот недостаток на денешнот фудбал е материјализмот, сосема е занемарена неговата идеалистичка страна. Затоа што ниту Форд, ниту Хајнекен, ниту Мастер кард не се оние кои „овозможиле гледање на Лигата на шампионите" како што постојано ни се сервира во рекламите кои ги сецкаат натпреварите, ниту пак преголемите пари во играта околу бубамарата е гаранција за вечниот развој на оваа игра. Суштината, значи, не е во тоа кралската благајна или шеиковиот новчаник да ја истоварат својата содржина, туку со постојана работа и со истражување да се дојде до модел кој промислува и води напред. Тоа, на различни начини, им успеа и на Баерн и на Борусија, и тука е (денешната) величина на германскиот фудбал.

Доминација

- Прашањето на вистината во фудбалот е прашање на нејзината докажливост на теренот. Значи, не е прашањето што би можело да биде, туку што било: во два натпревара Борусија го надигра Реал и во 60-тата минута на мечот на Бернабеу требаше да биде 0:2, затоа што Левандовски погоди статива што таа и сега се тресе, а Гундоган промаши зицер кој не се промашува ни во школски двор. Сепак до крајот мораа да се спасуваат. Баерн, како Сулејман Величествениот своите одаи, го држи Камп Ноу и со 0:7 во двa натпревари покажа дека против нив не смее да се пие студена вода испотен и да се оди бос по плочки. Одма можеш да настинеш.

- Материјалистичкото учење за промените на околностите и воспитувањето заборава дека луѓето се тие кои ги менуваат околностите и дека самиот воспитувач мора да биде воспитан. Добро, за Мурињо баш и не може да се каже дека е воспитан, а за Тито Виланова, кој е воспитан, некој некогаш мора да праша - who the f..k is Alice?! Темпирањето на формата е една од главните задачи на секој тренер, а Хејнкес и Клоп покажаа дека тој занает одамна го имаат изучено. Така се доаѓа до револуционерна пракса.

- Ривалството на Реал и Барселона е класичен пример на (само)отуѓување. Удвојување на светот во еден меркантилистички свет (Реал) во кој може да се купи секој на светот, и еден кој условно може да се нарече социјално-национален (Барселона), кој, практично, го обесмисли концептот на национална Лига. Затоа што, челниците на Валенсија и Севиља и останатите клубови во Шпанија одамна кукаат дека ривалството на овие два клуба ги уништил сите останати. Добро, секаде на светот постојат појаки и послаби, но појакиот волку да експлоатира, малку е премногу.

- Светот не почнува од денес. Да го вклучиме малку апстрактното мислење. Се сеќавате ли на 1999? На Реал му требаше четврт век за конечно да дојде до европска титула. На арената Амстердам со голот на Мијатовиќ го добија Јувентус. Кој беше тогаш тренер на Реал? Јуп Хејнкес, секако. Тогаш кој ум го смисли тоа во Баерн по оваа сезона него да го замени Гвардиола, и тоа за 19 милиони евра? И која е најавата за првиот потег кај Баварците? Дека ќе го отпуштат Робен, кој е се само не симпатичен, но кој е најзаслужен за ваквиот лет на Баерн.

- Премногу суштина на фудбалскиот свет и на светот воопшто денес се сведува на тоа некој да треба да биде „симпатичен". Ај добро, Гвардиола можеби на мнозинството тоа и му е, но на човекот не треба да му се припишуваат заслуги и за она што го направил и за она што не го направил. Темелите на ваквата Барселона ги удри Франк Рајкард, врз наследството кое му го оставија двајца Холанѓани, Михелс и Кројф, и еден Англичанец: голем доајен, сер Боби Робсон. Клоп доаѓа од друга школа и култура, беше со Мајнц и од нив направи респектабилен бундеслигаш, а неодамна призна и дека се што научил научил од еден Босанец - Жељко Бувач, кој и денес му е асистент. Па, кој тогаш тука треба да биде симпатичен?

- Сиот фудбал е битно практична работа. Затоа, во овој миг треба да се поддржи идејата дека германските клубови не измислуваа играчи кои треба да се закитат со десетици милиони евра (разни фаци од типот на Керол и Балотели), туку бараа рецепт според кој ќе изградат нов модел.

- Тој модел е чувството дека куќата се гради од темел. Во обата германски клубови јадрото го чинат домашни сили, а засилени се со не прескапи легионери. Тука Борусија е подобар пример: Вејндерфелер, Кел, Хамелс, Геце, Ројс, плус Полјаците Блашчиковски и Левандовски, луѓе кои до вчера јадеа сув леб во соседството - во Легија од Варшава и Лех од Познањ. А се сеќавате ли каков фраер, измамник, дилбер и џибер беше Марио Манџукиќ во загребскиот Динамо? Денес е еден од најдобрите европски напаѓачи, кој гине за секоја топка.

- Не треба да се биде неправеден кон Шпанците и Каталонците: тие толку пати покажале кои се и што се што не смее човек да ги исмева. Но изгледа дека највисоката историја до која можеле да дојдат е зад нив. Чави и Иниеста ја имаат унапредено играта, но не заборавајте: секогаш им требаше еден подобар од нив (прво Роналдињо, после во репрезентацијата Силва, а во клубот секогаш Меси) за таа игра да се одржува на тоа ниво. Реал е нешто друго, а Баерн повторно нешто трето. Во право ќе бидат оние кои ќе речат: „Зарем Баерн во Германија не е она што и Реал во Шпанија, постцрвена Звезда која купува за да ги ослабе другите?" Да, но затоа сме за Борусија.

Навивачите како темел на успехот

- Верноста на навивачите е темел на секој клуб. Од 10 најпосетени стадиони во Европа, Камп Ноу е првиот но пет има германски. Уште е свежо сеќавањето на дербито на втората Бундеслига во кое се состанаа два бивши прваци, Кајзерслаутерн и Борусија од Менхенгладбах. На стадионот имаше 52,000 посетители. Пoголемиот број европски лиги можат само да ја сонуваат таа бројка. И тука Германците се најголеми: од 1956 во сабота во 15 и 30 се оди да се бoдри сопствениот клуб. И тука нема откажување. Вревата и сликата од јужната трибина во Дортмунд е величествено доживување, велат сите оние кои знаат за што се работи тука. А се работи за љубов.

Сите различно го толкуваат фудбалот, но работата е во тоа што тој секогаш се менува на подобро. А и малку да им се „засоли" на Англичаните кои секогаш кога сакаат да се пофалат, го прават тоа на сметка на Германците. "We have won two World Worlds and one World Cup" - велат тие потсмевајќи се. На Вембли стигнуваат Баварците и Весталките, па „.ком опанци, .ком обојци". На радост на бундесфудбалот.

3 мај 2013 - 10:04