Сезоната 2003/2004 ќе остане запаметена по лондонскиот клуб, кој предводен од Тиери Анри, Патрик Виера и Роберт Пирес постави нов рекорд на непобедливост во англискиот фудбал. На денешен ден, пред 10 години, со победата од 3:1 над Астон Вила, Арсенал стигна до 49-от натпревар без пораз, а генерацијата која му ја донесе титулата на Арсен Венгер се смета за најдобриот тим во Премиерлигашката ера.
Жозе Мурињо и Челси во 2005-та имаа серија од 40 натпревари без пораз, но не издржаа да го срушат рекордот на Арсенал. На листата тимови со најдолги серии без загубен натпревар се уште и Манчестер Јунајтед со 29 натпревари без пораз и Нотингем Форест на Брајан Клаф со 42 средби без пораз. Историската серија на Арсенал во 2004-та година ризикуваше да биде прекината по само 6 натпревари, кога Портсмут поведе со 0:1 на „Хајбери“, но избраниците на Венгер со головите на Анри стигнаа до пресвртот 2:1.
Финишот и борбата за титулата меѓу Арсенал и Манчестер Јунајтед кулминираа со „Битката на Трафорд“, кога Виера доби црвен картон, а Мартин Кион направи пенал врз Ван Нистелрој во '90-та минута. Холанѓанецот го промаши пеналот, „топџиите“ му се изнасмеаа во лице и Арсенал стана шампион без пораз на 49 натпревари.
Французинот Тиери Анри ја заврши сезоната со 38 погодоци од кои 19 во низа. Една година по неверојатната серија, Арсенал загуби на 26-ти октомври 2004 од Манчестер на „Олд Трафорд“. Вејн Руни тогаш како 19-годишен најпрвин изнуди пенал по фаулот на Сол Кембел, а потоа и реализираше за крај на непобедливата серија на тимот од северен Лондон.