Offside

Соочени со пораст на стриминг платформи популарни веќе со години, националниот тим на Шпанија покажува дека сè уште постојат настани кои успеваат да ги зближат сите генерации на едно место, а тоа е телевизорот.

Фасцинантно забивање за победа и за паметење

Милвоки Бакс стигнаа до 15. триумф сезонава во НБА лигата (со 20 порази) откако синоќа тесно го совладаа Шарлот Хорнетс 122-121. Јунак на дуелот беше кој друг ако не Јанис Адетокумбо кој уфрли 30 поени со 10 скока и 5 асистенции. Гркот на 4 секунди пред крајот при водство на гостите, имаше прекрасно забивање за победа.

Бразилците од Африка

Селекцијата на Алжир со 3 од 3 ја мина групната фаза на Африканскиот Куп на нации и во осминафинале ќе игра против Конго. Го бркаат третиот трофеј после оние во 1990-та и 2019-та. Погледнете ги што праваат со топката. Нејзе не ја бркаат, сама им доаѓа.

Партијата на Зидан на која бранеше докторска теза по фудбал

Кој го нема ова чудо гледано во живо, има многу пропуштено. Се работи за полуфиналето од ЕП 2000, на кое Франција ја елиминираше Португалија. Озарени во лицето го изгледавме клипов и ни пројде како 3 секунди. Ова е фудбал доведен во совршенство. Уметност.

Од штала до 276 милиони долари и трикратен МВП

 

Никола Јокиќ за малку ќе се откажел од кошарка поради лоши тренери и љубов према коњите. Но и покрај низата проблеми, како и предизвици да се откаже од балканското со бурек, кока кола и благо, успеал да ги надмине пречките и денес е најплатен НБА играч во историјата, како и сметан за број 1 во свет. Ова е приказна за неговиот пат до врвот.

Најатрактивните 10 НБА асистенции на годината

Се потрудиле луѓето за водење социјални мрежи во НБА, да ни направат празник за очи со најдоброто од 2025-та, кога се во прашање асистенциите. 3 од 10 се на Јокиќ.

Нереалното лажно забивање од 360 степени на Џа Морант во забавена снимка

НБА лигата го сумира најдоброто за 2025-та, а таму не може да нема место за Џа Морант и оној негов летечи влез против Бруклин Нетс. Физиката ја збуни, а не па тие под кош.

За ракометарите нема руска и прасе, ви честитаат од сала

Момците на Кире Лазаров се спремаат за предизвикот кој се вика Европско првенство. Битките од групната фаза се закажани за 16 јануари (Данска), 18-ти (Португалија) и 20-ти (Романија). За Нова година работат во Скопје, а од 8 до 10 јануари ќе бидат во Винтертур, каде ќе одиграат три натпревари против домашната селекција на Швајцарија, Бахреин и Украина. Среќна и на вас момци и срце на терен.

Топ 4 ремек дела на Македонија во 2025-та

Волејот на Џани против Белгија, велеслаломот на Елмас против Лихтенштајн, бомбата на Барди против Казахстан и ножичките на Трајковски против Саудиска Арабија. Од убаво поубаво.

Удар на годината

Во 2026-та допрва ќе имаме дилеми што е реално, а што со АИ по интернетов, ама од тоа ќе нема бегање. Како и да биде, среќна нова година. Вие што мислите, навистина ли е извежбано ова?

Пандев новогодишно

Горан Пандев весел, распеан и расположен, знае напаѓачки да игра и во кафана. Среќни празници легендо. Само за убаво.

Ризичен упад во Неапол

Смел Јутјубер, одлучил да се прошета во Неапол со бројот 10 на Марадона, ама направен на дрес од Јувентус. Идејата не му е допра. Нема поголема провокација за Наполитанците.

Фото на денот од едни убави времиња во Спортинг

Стефан Ристовски во Спортинг (2017-2021), каде освои три трофеи, со Бруно Фернандеш и Рафиња, сега ѕвезди во Манчестер Јунајтед и Барселона.

Навивач на Конго стои 90 минути на трибина како статуа

Мишел Кука Мболадинга е фиксен во текот на сите фудбалски натпревари на Конго на Африканскиот Куп на нации. Целта му е една и единствена, а тоа е да му оддаде почит на Патрис Лумумба, првиот демократски избран премиер на Конго. Го сметаат за национален херој и глобален симбол на антиколонијалниот отпор, пред атентатот кој му го извршија во јануари 1961 година.

Фудбал во Македонска Каменица, големи на мали

Да ги оставиме малку на страна Роналдо, Меси, како и мегаломанските фудбалски стории со милијарди. За крај на годината одиме со нешто наше, локално. Автентична селска идила со терен покрај куќи и борова шума. Фудбалот ги поврзува генерациите и создава силно чувство на заедништво.

Леброн Џејмс полни 41 година

Еден од најдобрите и најтрофејни кошаркари на сите времиња, Леброн Џејмс има низа рекорди во НБА. Тој денес полни 41 години и како никој пред него досега во историјата, не е така спремен и активен на таа возраст. „Кралот“ е роден во Акрон, во Охајо во 1984-та. Во НБА дојде директно од средно школо во 2003-та и сега ја игра неверојатната и рекордна 23-та сезона по ред!

Елмас со оригинална слика ги одбележа своите настапи

Елиф Елмас стана втор Македонец кој освоил таканаречена триплета во италијанскиот фудбал, односно шампионско скудето, Куп и Суперкуп на Италија. Претходно тоа го стори нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев. Елиф Елмас со оригинална слика покажа дека е спремен на сè за успесите на неговиот сакан Наполи.

Дисциплинска постапка на ФФМ против Сејдини, осомничен за криминал од 700.000 евра

Управниот одбор на ФФМ, на денешната седница, донесе одлука за покренување дисциплинска постапка против поранешниот претседател на федерацијата, Муамед Сејдини. Најавува и ревизија на едукативниот процес за носителите на тренерски лиценци, меѓу кои ќе се испитува и ПРО лиценцата на Игор Ангеловски.

ФФМ го освежува стадионот Петар Милошевски

Теренот е целосно обновен со нова дренажа, нов систем за наводнување и комплетно нова тревна подлога. Покрај тоа што е наметен за настап на екипи од првата лига, од федерацијата информираат дека теренот ќе биде во функција и за младинските репрезентации, а ќе служи и како база за тренинзи на сениорската  репрезентација.

Полн Олимпико емотивно го пречека Де Роси

Во ера на разгалени, размазени ѕвезди со розеви копачки и виолетови фризури, ретка е почитта која навивачите ја искажуваат за некој фудбалер. Даниеле Де Роси беше заменик капитен на Франческо Тоти и негов легитимен наследник во Рома. Ја чуваше „римската волчица“, се бореше како фајтер за неа секогаш и секаде. Сега се врати после долго време како тренер на Џенова. Јужна трибина го пречека импресивно.

Гол број 2 на Ел Каби со ножички на Африканскиот Куп

Не паметиме првенство на кое еден ист играч успеал да даде два комада со најпопуларната акробација наречена „ножички“. Пишете ако знаете таков. Ајуб Ел Каби од Мароко си го направи тој ќеиф на Африканскиот Куп на нации, два пати во рок од една недела. Прво на отворањето против Коморските острови и сега пак против Замбија. Ел Каби беше двоен стрелец, а погоди и Брахим Диаз за победа од 3:0. Мароко оди во осминафинале.

Мурињо за братството и единство со црните играчи од Африка

Неодамна додека беше тренер на турски Фенербахче, после едно дерби со Галатасарај, некои будали се осмелиле да пробаат на Мурињо да му залепат етикета дека бил расист. Не пројдоа ни пар саати, Дидие Дрогба, Јаја Туре и плејада други африкански фудбалери застанаа во силна поддршка зад Мурињо. Жозе сега на гости во подкастот на Рио Фердинанд раскажа за анегдоти со нив.

Дарко Панчев во опуштен разговор на италијански со наш оперски пејач

Поминаа точно 30 години откако Панчев си замина од Серија А, после две и пол сезони минати во Интер. Ама не го заборавил италијанскиот. Со тенорот Благој Нацоски, кој живее во Италија, си фрлија на телефон малку муабет на тема фудбал.

Со еден гол сигурно се продаде во поголем клуб

Дваесет и три годишниот крилен напаѓач на шкотски Мадервил Таванда Машванисе не го знаел никој до пред некоја вечер кога за својот Зимбабве постигна прекрасен погодок на мечот против Јужна Африка. Имаше и смешна прослава на истиот гол кој конкурира за најубав на Африкански Куп на нации.