Што вели распоредот за титулата во Премиер лига и кој е фаворит?

Баерн Минхен е шампион на Германија, Интер е речиси на пиадесталот, Барса води со +9, ПСЖ ако го добие заостанатиот меч ќе биде на +4. Најкомпликувано и најнеизвесно е на островот.

Foto: EPA

Арсенал од готово направи вересија. Или поточно може да направи после поразот на дербито против Манчестер Сити кој може да биде клучен за титулата. Цела сезона делуваше дека води комотно, но сега е на само +3 со натпревар повеќе од ривалот.

Ако се погледнете распоредот на двете екипи ќе се забележи дека Арсенал нема ниту еден противник од горниот дел на табелата, односно од првите 10. Кај Манчестер Сити такви има четири од вкупно шест противници. Четвртопласираната Астон Вила, како и Евертон, Брентфорд и Борнмут.

Поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед, Вејн Руни, смета дека Арсенал ќе ја освои титулата со два бода разлика, со тоа што топџиите ќе ги добијат сите преостанати натпревари, а Манчестер Сити ќе одигра нерешено со Евертон.

„Оваа трка за титулата сè уште не е завршена, чувствувам дека ќе има уште неколку пресврти. Очигледно ќе биде тесно, но Сити има уште еден натпревар на кој треба да се обиде да победи, па сè уште го сметам Арсенал за мал фаворит.

„И јас сум бил во оваа ситуација, каде што треба да ги победите сите натпревари. Ги гледате и мислите дека треба да победите против овој или оној, но никогаш не излегува така. Од сега до крајот на сезоната, ќе зависи само од тоа кој тим ќе ја задржи својата смиреност најдобро.

Поранешниот играч од средниот ред на Тотенхем и Ливерпул, Дени Марфи типува на Манчестер Сити и смета дека титулата ќе ја освои поради гол-разликата.

„Мислам дека ова е предност за Сити. Моментум, самодоверба и сите тие работи. Бев навистина задоволен од играта, очекував да биде многу попретпазлива. Имаше многу квалитет и одлични моменти.

„Тие се толку моќни тимови што мислам дека ќе ги добијат сите натпревари. Борнмут на гости може да биде тежок за Манчестер Сити, а Вест Хем е веројатно оној тим на кој ќе треба да внимава Арсенал. Мислам дека ќе решава гол-разликата и Манчестер Сити ќе има предност.“

Инаку Манчестер Сити е речиси непобедлив кога доаѓа финишот. На последните 10 кола, последниве четири сезони загубил само еднаш.

20 април 2026 - 13:43