Крај на една ера: Најк ја презема топката на Лигата на шампионите од Адидас

Европскиот клупски фудбал се подготвува за историски пресврт. Најк го презема договорот за производство на официјални топки од германскиот Адидас, со што завршува една легендарна соработка која траеше четврт век.

Според официјалната потврда од УЕФА и Европските фудбалски клубови, новата четиригодишна соработка ќе започне од сезоната 2027/28 и ќе трае до 2031 година.

За првпат во историјата, сите три машки клупски натпреварувања под капата на УЕФА: Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига, ќе користат топки од истиот бренд (Најк), заедно со Суперкупот, Младинската лига и футсал ЛШ.

Вредноста на договорот се проценува на околу 45 милиони долари годишно, што е двојно повеќе од претходните финансиски услови со Адидас.

Адидас ги произведуваше препознатливите топки со ѕвездички од 2001 година, но засега останува неизвесно дали Најк ќе го задржи легендарниот дизајн со ѕвезди.

Финалето во актуелната сезона ќе биде последното со топка потпишана од германскиот бренд. 

За Адидас ова претставува крај на една ера, додека за Најк ова е големо враќање на најголемата европска сцена по повеќе од две децении.

На овој начин Адидас губи уште едно значајно фудбалско партнерство, откако Најк веќе го презеде и договорот со германската репрезентација.

17 ноември 2026 - 14:52