Во драматично финале на Куп, Вардар го победи Охрид за одбрана на пехарот

Во неверојатно драматичен натпревар кој само уште еднаш го потврди големиот квалитет на македонскиот клупски ракомет, РК Варадр 1961 со тешки маки го совлада Охрид 24-23 во салата „Младост“ во Струмица. Охриѓани се покажаа како тврд орев кој во иднина сигурно ќе се вмеша во борба за двата домашни пехари. Јака Малус од Вардар беше МВП на финалето.

Ракометарите на Вардар го освоија 18-от пехар во Купот на Македонија во дуел кој уште долго ќе се прераскажува.

Дербито за трофејот донесе огромна борба и драма на крајот. И двете екипи беа бодрени од своите навивачки групи. Црвено-црните поведоа 4-1 на стартот а предноста ја одржуваа се до паузата кога водеа 13-12.

Во вториот дел очигледно по добри совети на тренерот Ројевиќ, Охриѓани заиграа многу поангажирано во одбрана и ефикасно во нападот. На 15-ина минути пред крајот направија неверојатна серија од 3-0 и поведоа 20=17. Тогаш во транс играа Охриѓани а нивните навивачи дополнително го креваа својот тим.

Но тренерот на Вардар Чупиќ брзо повика тајм-аут, ги размрда своите ракометари па во последните 10 минути се влезе со резултат 21-21. Откако Вардарци израмнија тогаш на главна сцена настапија двајцата голмани кои на двете страни цели пет минути не примија гол.

Посебно луди одбрани имаше полскиот голман на голот на Вардар Милош Валах кој во финишот ги фрустрираше противничките играчи со неколку фатени зицери и обиди за цепелин.

Токму така и заврши натпреварот кога при водство на Вардар 24-23 Валах одбрани чиста акробација на Охриѓани кои преку цепелин пробаа да израмнат во последните секунди.

Најефикасен на мечот беше Јака Малус со дури осум гола и заслужено ја доби наградата најдобар играч на финалето. Украинецот Хориха даде шест гола а кај Охриѓани по пет имаа Србинот Дарко Ѓукиќ и довчерашниот Вардарец Јашухира.

Во женска категорија пехарот заврши во редовите на ЖРК Ѓорче Петров кој во финалето го совлада Спартак кој имаше сензационален пласман во големото финале како најголем клупски успех. Ракометарката Сузана Зечевиќ стигна до признанието најдобар стрелец на турнирот а голманката Слободанка Кицевска беше прогласена за најдобра на својата позиција.

МВП на целиот Куп во женска конкуренција и припадна на репрезентативката од ЖРК Ѓорче Петров Марија Гугуљанова.

Лазаревски пак се качи на трибина да слави со навивачите

20 април 2026 - 08:57