Eдна година Јувентус со Спалети: Од ентузијазам до колапс

На 30 октомври 2025-та, тренерот од Тоскана седна на клупата на бјанконерите, желен за одмазда по неуспехот со националниот тим. По колапсите против Лацио и Џенова, неговата иднина сега е неизвесна.

„Кој не би сакал да го води Јуве?“, итро одговори Лучано Спалети, на снимањето на реклама во која се појави заедно со Франческо Тоти, осум години по нивната разделба.

28 октомври 2026 година: Јуве е прегазен од Лацио, па Џенова, се наоѓа на 8. место во Серија А по 9 одиграни кола, со 11 бода заостанување зад лидерот. Спалети ја допира најниската точка во својот мандат на клупата, истата онаа кон која гледаше со надеж пред само 365 дена.

Во меѓувреме се прикажа во 50 различни нијанси, како во некој континуиран ролеркостер.

Од иновативен пристап, способен да прикаже добар фудбал и да им влее надеж на навивачите дека конечно се на вистинскиот пат кон успехот, па сè до раните елиминации од Купот на Италија и Лигата на шампионите, како и освојувањето на шестото место во првенството.

Од блиската врска со Џон Елкан до тензиите со извршниот директор Дамјен Комоли, што кулминираа со летните промени во раководството. Од продолжувањето на договорот до 2028 година (година која постојано се појавува), без оглед на конечниот исход, до столче што е веќе жешко како жар.

Од желбата за одмазда по отказот од позицијата селектор на Италија, желба што му стана опсесија, па сè до сосема реалната опасност од втор последователен неуспех. Можеби и конечен.

БРОЈКИТЕ ВО ЈУВЕ

Кога Лучано Спалети официјално го презеде Јувентус од Игор Тудор (по привремениот ангажман на Брамбила) на 30 октомври 2025 година, го затекна тимот на шестото место во лигата, со заостанување од шест бода зад лидерот и само три бода помалку од минималната цел за сезоната - четвртото место. 

„Максимални амбиции, сакаме да се вратиме во трката за титулата“, изјави поранешниот селектор при своето претставување, но една година подоцна, бројките покажуваат сосема поинаква приказна: 26 победи, 14 нерешени и 10 порази на 50 одиграни средби, што претставува просек од 1,84 бода по натпревар. 

Ако се земат предвид само првенствените натпревари: 19 победи, 11 нерешени и 8 порази, при што просекот паѓа на 1,79. Ова е идентично со учинокот на Тијаго Мота и само за 0,3 бода подобро од она што го постигна Тудор. 

Вкупниот број изнесува 68 бода – учинок кој, во текот на изминатите 10 сезони, не би бил доволен за пласман во Лигата на шампионите, со исклучок на сезоната 2023/24, кога Италија доби пет места во ова елитно европско натпреварување.

ОЦЕНКА ЗА ЕДНОГОДИШНАТА РАБОТА

Сепак, бројките на страна, она што ја прави неизвесна судбината на Спалети е неговиот неуспех да му даде на Јуве јасен идентитет. Тој на крајот се откажа од сопствените идеи, а притоа не ги постигна посакуваните резултати.

А почетокот ветуваше многу. Откако се надминаа тешкотиите на стартот, во периодот меѓу декември и февруари, Јуве играше модерен и организиран фудбал.

Примаа малку голови, постигнуваа многу, а пред сè, прикажуваа карактеристики, од агресивен висок пресинг до флуидност во позиционирањето на теренот.

Нешто што потсетува на Спалети од времето во Наполи или Рома. Тренер способен за брилијантни тактички иновации, а не на оној кој се изгуби додека беше на клупата на италијанската репрезентација.

„Тој внесе нова енергија во соблекувалната, враќајќи ја гладта и одлучноста за победа“, рече првиот човек на Јуве, Џон Елкан.

Но, во еден мрачен февруари, тимот прими 21 гол на 8 натпревари и беше елиминиран од Купот на Италија и Лигата на шампионите.

Ентузијазмот беше заменет со претпазливост, што резултираше со стерилен посед на топката, без конкретност и со додавања главно настрана, а пред сè поради страв од пораз. И така, кошмарот стана реалност: Јуве падна на шестото место, што е нивниот најлош пласман уште од времето на Делнери.

ЈУВЕ, СПАЛЕТИ И ИСТОРИЈАТА ШТО СЕ ПОВТОРУВА

Сепак, довербата на сопствениците во Спалети никогаш не изостана. Неговиот договор беше продолжен без оглед на конечниот исход, нешто што не се случи со неговите претходници, а цената за недостигот на резултати ја плати извршниот директор Дамиен Комоли.

На почетокот на новата сезона во преодниот рок, делумно и поради финансиски причини, пристигнаа 10 нови играчи, наместо три или четири фудбалери со богато меѓународно искуство и победнички менталитет какви што бараше тренерот. Но впечаток беше дека ништо не е променето.

Како Јуве да застанал токму таму, во оној мрачен февруари, проследен со неуспехот да се обезбеди пласман во ЛШ.

Спалети се соочи со истите проблеми како и неговите претходници. Екипата не успева да биде опасна, освен преку прекини или потпирајќи се на индивидуални блесоци. Потоа прима голови од првиот удар на противникот во рамките на голот, а играчите покажуваат очигледни недостатоци во карактерот.

Ситуацијата дополнително се влоши поради повредите на клучни играчи, како што се Турам, Јилдиз и Локатели, што уште повеќе ја усложни и онака кревката состојба.

И каков што беше случајот со националниот тим, неговиот последен потег, а тоа е соочување со соблекувалната и премин кон нов систем, не вроди со плод.

„Понатаму од целната линија“ - тоа беше слоганот на Спалети по продолжувањето на неговиот договор. Дали тоа ќе се покаже како точно, веројатно ќе се одлучи во недела навечер, на дуелот против Наполи. 

Во меѓувреме, сама по себе се наметнува една мисла: „Кој не би сакал да го води Јуве?“, изјави Лучано Спалети пред една година. Човек се прашува дали тој и денес размислува така...

Виа

30 октомври 2026 - 15:27