Се сеќавате на изразот „тандара броќ“?

Сега некои од помладите ќе мислат дека нешто измислуваме и дека зборуваме за некој далечен, бушмански јазик. Всушност станува збор за израз кој „на времето“ (поранешна Југославија) често се среќаваше во стрипови и цртани на српско-хрватски. Но никогаш не сме се запрашале што значи.

„Тандара броќ“, им рековме на домашните, после расправија во која се кажа многу „бла-бла“, но ништо конкретно.

„Што, што?“ - реагираше помладата генерација. 

Очигледно нешто што ни останало во културолошко наследство од цртаните и стриповите синхронизирани на (тогаш) српско-хрватски на новата генерација им звучи како „марсовски“. Но изразот сепак не е толку бесмислен колку што изгледа, иако означува токму тоа - бесмислен, дрн-дрн муабет. 

Прочепкавме и за неговото потекло постојат повеќе толкувања.  Според едно од нив, тандара била голема земјена печка или глинен сад што се користел при боење ткаенини. При работа создавала силен шум, па од тој звук произлегол и ономатопејското „тандара“, односно тропа, лупа, прави врева. Оттука, за човек што зборува многу, а не кажува ништо суштинско, се велеше дека „тандара“.

Вториот дел од изразот, броќ, се однесува на растение (латинско име Rubia tinctorum), од чии корени се добивала црвена боја за боење волна и текстил. Во минатото неговото одгледување и техниката на боење биле ценет и добро чуван занает. Подоцна, со промените во стопанството и високите даноци во османлискиот период, употребата на броќот постепено опаднала, а во народната традиција зборот почнал да се поврзува со нешто безвредно или бескорисно.

Постојат и други толкувања. Во некои краеви се среќава варијантата „тандара мандара“, каде што „мандара“ се поврзува со митската (непостоечка) планина Мандара, па целиот израз добива значење на нешто нејасно, неодредено или бесмислено.

Еве го „броќот“

3 August 2026 - 20:47