Романот „Мотори и слатка трева“ ја следи приказната на семејството Лакроа и жителите на резерватот Оџибве во Kанада, чиј мирен живот се менува со доаѓањето на мистериозниот Џон – харизматичен мотоциклист кој постепено станува центар на вниманието во заедницата. Неговото присуство ги отвора старите спомени, ги преиспитува семејните односи и ги буди заборавените легенди. Ликовите се претставени топло и со суптилна доза на хумор – од силните женски карактери, преку чешит старешините, до младите кои се обидуваат да најдат рамнотежа меѓу современиот живот и традицијата.
Во срцето на романот е едно едноставно, но важно прашање: што се случува кога ќе престанеме да ги слушаме приказните што нè обликувале? За Тејлор, митовите не се остатоци од минатото, туку жив дел од сегашноста. Тие не се спротивност на модерниот живот, туку начин подобро да се разбере. Иако обработува сериозни теми – идентитет, традиција, односот меѓу современиот живот и духовното наследство, последиците од колонијализмот – Тејлор никогаш не проповеда. Напротив, пишува со многу хумор, самоиронија и нежност, дозволувајќи им на ликовите самите да ги носат големите прашања.
Авторот, кој и самиот потекнува од домородната заедница Оџибве, успева да ја претстави својата култура без патетика и без егзотизација. Наместо да ја претвори во музејски експонат, тој ја прикажува како жива традиција, исполнета со луѓе кои се смеат, се расправаат, се вљубуваат, прават грешки и се обидуваат да најдат рамнотежа меѓу наследството и современиот свет.
Посебна вредност на романот е начинот на кој магичните елементи се вткаени во приказната. Натприродното не е спектакл, туку дел од секојдневниот живот. Старите духови и легенди не служат за да ја направат приказната по „секси“, туку за да покажат дека постојат различни начини на разбирање на светот. Во тој поглед, романот потсетува на традицијата на магичниот реализам, но со јасно препознатлив домороден глас. Ликовите се исклучително човечки и лесно препознатливи. Нивните разговори се духовити, а семејните односи исполнети со топлина и ситни недоразбирања кои ги прават уверливи. Дури и кога романот зборува за митолошки суштества, неговото тежиште останува човекот – неговата потреба да припаѓа, да сака и да најде смисла.
Романот е во издание на Табахон, во превод на Драган Јакимовски и не е финансиски поддржано од државна или друга институција или фондација.
Истиот може да се набави во литература.мк (Сити мол и Ист Гејт).
Илина, Букбокс