На некогашниот Ден на Републиката: зошто треба да се прочита „Бланк“ на Феѓа Штукан?

За оние кои не го знаат, Феѓа е актер, пилот и писател, кој поминал низ ужасот на босанската војна како дел од специјалните единици на армијата на БиХ. Од таму излегува глумејќи дека е психички пореметен. По војната дипломира на Академијата на сценски уметности во Сараево од каде започнува неговиот подем во светот на филмот. Но помеѓу сето ова има голем број „бланко“ места пополнети со дрога, смрт на блиски, но и верба во луѓето и во животот.

Миљенко Јерговиќ во својот осврт за „Бланк“ е во право кога вели дека е невозможно да се одреди што е оваа книга во жанровска смисла. На првите десетина страници се развива како крвав и воен (всушност антивоен) роман, потоа одеднаш се претвора во извештај од лудница, па во дневник на заависник од хероин, за на крај сето тоа да се заокружи во автобиографска повест за активизмот, глумата и летањето. Всушност, најдобра одредница според Јерговиќ е дека тоа e „книга на еден живот“. 

И тоа каков и како раскажан живот! Јазикот е сиров и на моменти суров, не штедејќи го читателот од таканаречени „графички описи“ на насилство и распад - искасапени тела, рани од утнати вени, мирис на мочка и смрт - но истовремено беспоштедно коментирајќи ја и згазената душа на неговата некогашна татковина, која политичарите и воените профитери ја продале на шејтанот. Инспирација за книгата дошла од Бред Пит, кој го поттикнал своите сеќавања да ги стави на хартија за потоа од тоа да излезе филм. Со Пит се запознал во текот на снимањето на филмот на Анџелина Џоли, „Во земјата на крвта и медот“, во кој толкува една од улогите.

Книгата има само 194 страници но како да покрива не еден, туку пет животи. Единствен доказ дека авторот ги преживеал е што ете, е уште жив. На примерокот што го читавме (издаден во Србија) пишува дека е - 27-мо издание! Не е ни чудо што адреналински раскажаната лична приказна предизвикува такво внимание. Контроверзна е, но делува искрено. Зборува за најголемите човечки гадости, но истовремено содржи и многу хуманост, љубов и кон (повеќето) луѓе и кон еден пес, по име Жуќо. Речениците се рафални, кратки, описите сведени на минимум. Соголен од патетика и мелодрама, ова е текст кој после триесетата преживеана трагедија раскажана во ваков стил и уште едно ваше „е, не ми се верува“, доловената реалност почнува да личи на фикција. А како што знаеме, понекогаш токму таа - реалноста - ја надминува фикцијата. Ова е една од книгите што дефинитивно го потврдува тоа. 

До излегувањето на филмот, во кој не е баш јасно дали Штукан ќе се глуми себеси, можете да го гледате во новата серија „Сабја“ на РТС односно на ХБО. Книгата е посветена на неговата ќерка Аја, на која на крајот на книгата ѝ порачува:

„Аја, животе мој, не оди по мојот пат. Ако се завојува, бегај, да се зачува животот е нулти приоритет, ништо не е поважно од тоа. Државата и нацијата се конструкти на еден многу територијален сој мајмуни и не се ништо друго туку само синоним за поголем чопор кој води мала група мајмуни, подготвени за пари да направат буквално сè....Смртта е ништо, смртта не боли. Уживај - тоа е смислата. Фала ти што се роди, те обожавам.“

Илина, Букбокс
 

29 ноември 2024 - 16:13