Изразот „слонот во собата“ денес е дел од секојдневниот говор во голем број јазици. Со него се опишува ситуација во која постои голем и очигледен проблем, но присутните намерно избегнуваат да зборуваат за него. Но, како токму слонот станал симбол за нешто што сите го гледаат, а никој не го спомнува?
Најраните траги од оваа метафора не потекнуваат од популарната култура, туку од филозофијата. Според Оксфордскиот речник на англискиот јазик една од првите забележани употреби е од 1935 година, кога американскиот филозоф и психолог Хари Тод Костело во есеј ја користи сликата на „слон во собата“ за да објасни како филозофијата и науката различно ги разгледуваат работите што можат – и не можат – да се докажат. Тој забележува дека не може со сигурност да се тврди дека во собата нема слон, бидејќи не може да се докаже нешто што воопшто не се гледа.
Сепак, самиот начин на кој Костело го употребува изразот сугерира дека тој веќе бил познат како метафора. Истражувачите затоа ја бараат неговата историја уште подалеку во минатото.
Една од најважните претходници е кратката и сатирична приказна „Љубопитниот човек“ на рускиот писател Иван Крилов, објавена во 1814 година. Во неа, еден посетител на музеј со воодушевување раскажува за сите ситни инсекти што ги видел – муви, пеперутки и бубачки – но кога го прашуваат за огромниот слон изложен во музејот, тој одговара дека воопшто не го забележал. Таа духовито ја исмева човечката склоност да се фокусира на безначајни детали, а да го пропушти најочигледното.
Кон ширењето на оваа симболика придонел и американскиот писател Марк Твен. Во неговата сатирична приказна „Украдениот бел слон“ од 1882 година, токму oгромноста на животното станува извор на хумор, бидејќи е речиси невозможно нешто толку големо да исчезне незабележано.
И покрај тоа, фразата долго време останала претежно во филозофските кругови. Дури во 1980-тите почнала да го добива денешното значење – очигледен проблем што сите намерно го игнорираат. Голема улога во нејзината популаризација имала книгата „Слонот во дневната соба“ (1984), која зборува за деца што растат во семејства со родители-алкохоличари. Насловот се однесува токму на семејната тајна за која сите знаат, но никој не се осмелува да зборува.
Денес изразот „слонот во собата“ е една од најпрепознатливите метафори во современиот јазик. Без разлика дали станува збор за политика, семејни односи, работна средина или општествени проблеми, тој потсетува дека понекогаш најголемата пречка не е самиот проблем, туку молкот околу него.