Од 2006 година досега, фотографот Џоел Сартори направил повеќе од 18.000 „портрети“ на животни. Првиот бил гол кртест стаорец – животно кое ретко привлекува внимание, но токму тоа ја покажува филозофијата на проектот. За Сартори секој вид е подеднакво вреден, без разлика дали станува збор за тигар, пингвин или мала жаба што никој не ја забележува.
Заедно со мал тим, поддржан од Нешнл Џиографи, тој патува низ целиот свет, посетувајќи засолништа, резервати и научни центри. На секое патување, покрај познатите животни, се фотографираат и инсекти, птици, риби и други речиси непознати видови. Голем број од нив се на самиот раб на исчезнување, па секоја фотографија станува непроценливо сведоштво дека тие некогаш постоеле.
Една од најтрогателните приказни е онаа за жабата по име Тафи, последниот познат примерок од својот вид. Таа живеела во ботаничката градина во Атланта, откако нејзиниот вид исчезнал во природата поради смртоносна габа. Пред да угине во 2016 година, научниците успеале да го снимат нејзиниот единствен повик – звук што засекогаш исчезнал од шумите на Панама. За Сартори оваа приказна е симбол на тоа како изгледа изумирањето: не исчезнува само едно животно, туку и дел од природната историја на планетата.
Зад успехот на Фотоарката стои широка меѓународна мрежа од биолози, таксономисти, чувари на животни и научници. Во проектот активно учествува и неговото семејство – синот Кол помага при фотографирањето и техничката организација, а сопругата Кети се грижи за сложената логистика. Благодарение на оваа соработка, Сартори успева да стигне до најретките видови, понекогаш организирајќи месеци подготовки за фотографирање што трае само неколку минути.
Идејата за Фотоарката се родила во тежок период од животот на фотографот. Во 2006 година неговата сопруга заболела од рак на дојка, а додека се грижел за семејството, Сартори размислувал како неговата работа може да остави трајна вредност. Инспириран од природонаучникот и сликар Џон Џејмс Одибон, француско-американски уметник од 18-19 век кој ги документирал со рачно изработени цртежи птиците од Северна Америка што подоцна исчезнале, решил да создаде современа „арка“ – фотографска архива на животинскиот свет.
Денес Фотоарката не е само уметнички проект, туку и важна алатка за заштита на природата. Фотографиите често го привлекуваат вниманието на јавноста и институциите, обезбедувајќи финансиска поддршка за загрозените видови. Таков е примерот со флоридското полско врапче, чија заштита добила значителни средства токму откако неговиот портрет станал дел од проектот.
Повеќе фотографии и детали тука