Низ книжевната историја кога требало да се измисли глодар-херој, луѓето обично портретирале глушец кој спретно ракува со меч, им помага на принцези и го спасува светот. Стаорците, од друга страна, ги киднапираат послатките животни и се генерална напаст.
Според Лорна Овен, авторката на „Глувчешката муза: глушецот во уметноста“, еден од најстарите примери за користење на глушецот во книжевноста е оној на Езоп, 620 години пред нашата ера, преку кого тој сакал да ги поучи луѓето - како да излезат на крај со посилни непријатели, како да се држат до помоќни сојузници и да избегнуваат непотребни конфликти.
Иако кај Езоп нема стаорци, оние древните варираат од такви кои се предупредување и закана, до такви кои носат спас и добра среќа. Во Стариот завет, стаорците се нечисти и не смеат ни да се допираат ни да се јадат. Но во древна Грција и Рим, како и во Индија, тие биле сметани за симбол на изобилие и среќа.
Сепак, кога ќе се појават едни до други, глувците и стаорците одеднаш се пополаризирани. Во тој натпревар, глувците проаѓаат подобро. Тоа секако произлегува од нивните природни карактеристики - глучето јаде како...глувче, додека стаорецот дневно јаде речиси колку човек, прави р’шум по контејнери и не ја грицка туку ја растргнува храната.
Оттаму, глувците во уметноста, па и во популарните филмови за деца се прикажани како слатки - мали глави, ушиња, големи тела. Во „Биолошкиот омаж на Мики Маус“ на Стивен Џеј Гулд, тој забележува дека очите, ушите и муцката на Мики (и на Мини) се позаоблени, за да изгледаат и почовечки и попријателски настроени. И не само тоа, глувите се прилично храбри со оглед на тоа колку ниско котираат во синџирот на исхрана, мали суштества кои преземаат големи ризици - идеални за човечки модели (уште повеќе - за модели наменети за човечки деца), како во куп цртани, меѓу кои и Стјуарт Литл.
Наспроти слатките глувчиња се осамените и зли стаорци, како Темплетон во „Мрежата на Шарлота“. Нивната интелигенција, особено онаа за провалување во магацини за храна и бегање од стапици е претставена како зла лукавост а не како нешто на кое треба да му се воодушевуваме. Стаорци има не само во детската литература, а како се портретирани може да се претпостави од самите наслови - Орвеловата „1984“ и „Чума“ на Ками.
Но во последно време ова како да се менува. Изгледа дека веќе сите се заморени од повторувачките стереотипи, па Рататуи, на пример, се обидува да го деконструира, со тоа што среде француски ресторан става готвач-стаорец. Можеби ќе дојде време кога, како што му викаше Том на Џери, не само што „мачките и глувците ќе бидат пријатели“, туку и стаорците и луѓето.