Хедер Кристл е поетеса, која почнала со пишување на „Плачливата книга“ (The Crying Book, 2019) откако ѝ се самоубил близок пријател, а таа самата се соочувала со депресивни епизоди по раѓањето на нејзиното прво дете. Таа претставува истражување на физичките, културолошките и политичките аспекти на плачењето. Притоа уметноста и науката на овој човечки чин кај неа имаат еднакoв статус. Таа наведува неколку научни истражувања на плачењето и на „човечкиот лакримарен систем“, но сепак песна во која некој плаче осамен во купатилото според неа е еднакво валидна колку и клиничка студија на оваа тема.
Oд аспект на уметноста, еден од најинтересните ликови кои таа го oпишува е холандскиот концептуален уметник Бас Јан Адер. Во својот филм „Премногу сум тажен за да ги кажам“, Адер плаче пред камерата, но она во врска со што плаче останува мистерија. Авторката го сопротивставува Адер со Доналд Трамп кој некогаш има изјавено дека „не е некој голем плачко“, а ја спомнува и Ји-Феи Чен, дизајнерката на пиштол кој ги претвора солзите во замрзнати куршуми (за којашто пишувавме тука).
Од природонаучен аспект, интересен е реткиот молец (Gorgone macarea) неодамна откриен во Бразил, кој пие „водичка“ односно солзи од очите на птиците, како начин да дојде до сол, суштинска состојка за преживување до која не може да дојде на друг начин. Авторката наведува и други биолошки факти, на пример тоа дека емоционалните солзи (не оние предизвикани од физичка болка) содржат повисок степен на протеини, па оттаму и побавно се разлеваат по лицето.
Kритичарите на книгата, која патем има 198 фусноти, велат дека Кристл го става плачењето во соодветната перспектива, како нормална реакција на емоционален стрес. Секако, со доза на поетичност, како во описот на солзите во „Инструкции за плачење“ на Хулио Кортазар, кои според него се „баричка, во која никој никогаш не плови“.
Едно „плачам“ со меко „л“, од кое ни дојдоа солзи на очи: