Зошто не постои „талентирано дете“?

Нова книга ја става под знак прашање нашата фиксација со коефициентот на интелигенција, и вели дека возрасните можат (ако сакаат и ако знаат) да му помогнат на речиси секое дете да стане „надарено“.

Кога неодамна, на 40 години, почина Марјам Мирзахани, единствената жена-добитничка на Филдсовиот медал - еквивалентот на Нобел во областа на математиката - медиумите (па и нашите) пишуваа за неа како за гениј. Професорка на Стенфорд од својата 31 година, по потекло Иранка, таа ветувала дека ќе стане дел од академската елита уште од раната младост, кога почнала да добива златни медали на математичките Олимпијади.

Лесно е да се претпостави дека некој толку посебен како неа мора да бил многу талентирано дете, кое од бебе знаело да решава интеграли. Некој кој го има прочитано целиот Хари Потер на пет години, или е примен на факултет додека врсниците му се уште во основно (ко Шелдон од „Биг бенг“). 

Но приказната на Марјам е многу поинаква. Единствениот дел од нејзиното детство кое било посебно бил иранско-ирачката војна, која го отежнувала животот на семејството со години. За среќа војната завршила во времето кога таа почнала со основно. Иако за разлика од голем број нејзини сограѓани имала привилегија да оди во високо селективно училиште за девојчиња, математиката не ѝ била интересна. повеќе сакала да чита и тоа сè до што можела да дојде. Што се однесува до математиката, оценките и’ биле релативно слаби, се’ до моментот кога блиску до гимназија брат ѝ не ѝ покажал некаков познат математички проблем во списание, кој ја фасцинирал. Останатото е математичка историја.

Оваа приказна и не е така необична колку што изгледа. Повеќето добитници на Нобел биле невпечатливи во детството. Таков, со бавен развој, бил Ајнштајн, кој како мал имал проблеми со вербалното изразување, па некоја семејна помошничка го опишала како „идиот“. Не успеал да го помине генералниот дел од приемниот испит за Политехничката школа во Цирих, иако го пуштиле заради високиот број бодови по физика и математика. На работа, во Швајцарското биро за патенти, постојано го прескокнувале кога доаѓале на ред унапредувања, бидејќи не бил доволно добар во машинска технологија. Но тој не бил обесхрабрен, и на крај направил револуционерен чекор, преиспитувајќи ја Њутновата механика.

Луис Терман, американски пионер во образовната психологија, извршил истражување во 1921 со 1470 Калифорнијци, кои покажале одлични резултати на тогаш новите IQ тестови во текот на животот. Ниту еден од нив не завршил како голем мислител, иако Терман го очекувал тоа. Но тој испуштил двајца добитници на Нобел - Луис Алварез и Вилијам Шокли, двајцата физичари, кои не ги зел предвид во истражувањето заради тоа што бројот на бодови на нивните тестови не бил доволно висок.

Коефициентот на интелигенција не е фиксиран - велат истражувањата направени од тогаш. Ако го читаш Хари Потер на пет години не значи дека и во тинејџерски години ќе бидеш пред твоите врсници. Ваквите најнови невронаучни и психолошки наоди се вклучени во нова книга, „Големите умови и како да ги развиваш“ на Венди Берлинер и Дебора Ајр. Таа покажува дека освен кај луѓе кои имаат некаков когнитивен хендикеп, сите останати можат да достигнат ниво кое би го опишале како „надарено“. Начинот на којшто можат да го постигнат тоа е ако со време им бидат наметнати вистинските ставови и пристапи кон учењето - љубопитноста, дисциплината и истрајноста. Поддршката за ваквиот начин не само на учење, туку и на живот, треба да дојде подеднакво и од училиштето и од дома.

Ова практично значи дека нема такво нешто како „талентирано дете“. Надареноста во одредена област е вродена, но исто толку сигурно е дека однесувањата поврзани со високи постигнувања можат да се научат - дури и такви апстрактни карактеристики како љубопитноста. Тоа се напредни когнитивни својства, кои ако се развиваат во пакет доведуваат до тоа оние деца кои биле опишани како „невпечатливи“ да постигнат високи резултати. И обратно, некој кој бил оценет како надарен во детството, растен во немотивирачка средина, доколку не успее да најде сила во самиот себе, наместо да се развива ќе регресира.

Во истражување опишано во книгата, кое детално разгледувало 24 од 3.000 случаи на поединци кои биле успешни и покрај лошиот старт, дошло до изненадувачки сознанија за она што се случувало кај нив дома: половина добивале бесплатен школски оброк заради сиромаштија, повеќето од половината живееле со еден родител и четири од пет живееле во сиромашни маала. Но интервјуата откриле јасни докази за возрасен или возрасни во животот на детето кој го вреднува и го поддржува образованието, или во семејството или во заедницата. А пак нивниот став најверојатно го формирал повторно некој таков за нив важен поединец. Да се биде еден од нив значи да се поддржува надежта во талентираноста на секој човек, и, колку и да звучи амбициозно, во моќта нешто да научи на целото човештво.

25 јули 2017 - 12:21