Зошто Мара бил убиен во када?

Маченичкиот портрет на францускиот радикал во последните мигови од неговиот живот, е една од најпознатите слики на сите времиња. Но во целата своја драматичност таа крие и една мистерија - од што боледувал Мара, па што морал да лежи во када?

Жан-Пол Марà бил француски политичар, лекар, новинар, и активист за правата на најсиромашните во текот на Француската револуција. Неговите радикални идеи влијаеле врз атмосферата на насилство и масакрите кои се случувале во тој период, и го поврзале со идеологијата на јакобинците кои дошле на власт по револуцијата. Бил убиен во 1793 од Шарлот Корде, од спротивниот - жирондински табор, која го пробола со нож додека тој киснел во када. Токму во една таква положба е портретиран во славната слика на Жак-Луј Давид - „Смртта на Мара“.

На неа Мара е претставен како нешто да пишува, со лист хартија, перо и мастило, како кадата да му е работна маса. Всушност тој во неа седел со часови, за да си ги олесни маките од мистериозна кожна болест, која му предизвикувала постојано чешање и плускавци.

Од 18 век наваму голем број истражувачи даваат свои претпоставки за каква болест би можело да станува збор. Самиот Мара велел дека таа била резултат на времето кое го минал криејќи се од своите политички непријатели, спиејќи по визби во влажна и валкана облека. Докторите од тоа време пак давале голем број дијагнози, од шуга, сифилис, лепра...Денешните генетичари одлучиле да побараат доказ во единствените материјални остатоци кои постојат: крвавите весници кои тој ги читал во моментот кога бил убиен.

Нова студија ја користи ДНК-та од весниците за да идентификува потенцијални патогени во крвта на Мара. Авторите не тврдат дека можат точно да ја дијагностицираат болеста, но веруваат дека можат барем да ја стеснат листата. Нивната претпоставка е дека станувало збор за габична инфекција, која потоа била дополнително инфицирана со бактерија, која довела до состојба наречена себореичен дерматит.

Идејата за ваквата анализа на стари медицински мистерии дошла од Филип Шарлие, кого Њујорк Тајмс го нарекува „најпознатиот француски форензички итрец“. Шарлие се прослави со анализа на остатоци на славни личности, како Ричард Лавовско Срце и Јованка Орлеанка. Тој ја убедил Националната библиотека на Франција да дозволи форензичко испитување на крвавите весници.

Статијата која ги содржи резултатите од испитувањето, дека станува збор за патоген под името Malassezia restricta, а која го предизвикува спомнатиот дерматит, ќе биде наскоро објавена, а се подготвува и ТВ документарец на темата. Сепак, не се исклучува и можност да станува збор за целосно автоимуна болест, вид херпес, кој се појавува како резултат на сензитивност на глутен.

ДНК-та на самиот Мара би понудила одговор на оваа теорија, но за жал неговото тело, кое најпрвин било погребано со сите почести, како маченик, подоцна е преместено на непозната локација. Неговиот лик, и неговата болест, остануваат овековечени на сликата на неговиот пријател Жак-Луј Давид, која ја одржува мистеријата во живот.

извор

21 ноември 2019 - 09:51