Жената што голташе мечови и бајонет испукан од топ

Едит Клифорд во нејзино време - почетокот на 20 век - била ѕвезда. Во текот на нејзината кариера која траела две децении, таа настапувала пред кралеви, славни личност и пред преполни сали. Нејзината најопасна точка - голтање речиси 60 сантиметри долг бајонет, исфрлен од топ.

Нејзиното вистинско име било Едит Бауер. Се родила во 1886, а што се однесува до местото се наведуваат Лондон или Бостон. Мадмазел Клифорд, како што ја нарекувале, ја започнала својата кариера во 1899, откако била обучена од едноногиот голтач на мечови, ветеранот Делн Риц. Дебитирала на настапи со циркусот Ринглинг на возраст од само 13 години. Нејзините точки со текот на времето еволуирале, но главно вклучувале голтање жилети, ножички, бајонети, па дури и до 13 мечови одеднаш. Сепак кулминацијата на настапот претставувало голтањето на долг бајонет кој во устата ѝ бил испукуван од топ.

Легендарниот Хари Худини имал можност да ја види во живо во 1919, па во својата книга „Изведувачите на чуда и нивните методи“, запишал:

„Неколку жени по професија се голтачи на мечови, а некои од нив се имаат здобиено со повеќе отколку со минлива слава. Меѓу нив е и госпоѓица Едит Клифорд која е веројатно најталентираната. Се одликува со многу повеќе од личен шарм, со рафиниран вкус за облекување и уредување на сцената, и е целосно посветена на својата уметност“.

Се мажела два пати, во обата случаи со луѓе од шоу бизнисот. Прв бил „еластичен“ маж (најверојатно роден со синдромот Елерс-Данлос, кој ја прави кожата растеглива), кој го променил името од Џим Морис во Џим Клифорд поради тоа што неговата сопруга била попозната, а и за да можат да настапуваат како „Клифордови“. Откако починал околу 1911, се омажила за Карл Бауер, Германец кој настапувал на трапез, и кој се „приземјил“ за да работи како нејзин асистент. Така заеднички настапувале повеќе од една деценија.

По 23-годишна кариера Едит се пензионирала, купила куќа во Охајо и отворила пиљара. Никогаш не го спомнувала нејзиниот претходен живот, а колекцијата студено оружје стоела заборавена во нејзините шифоњери. Во 1950-тите дел од неа завршил на бувљаци, а со почетоците на интернетот и онлајн. Дел од неа сега е во рацете на Дан Мејер, основач и раководител на Меѓународното здружение на голтачи на мечеви.

18 јануари 2021 - 17:56