Во борба со пламените јазици: медиумските метафори за пожари

Во моментов на пишувањето на овој текст во Македонија се активни пожари во седум региони. Медиумите известуваат за нив низ изрази како „пожарникарите ВО БОРБА со пламенот“ или „пожарите БЕСНЕАТ низ земјата“. Овие се некои метафори за стихијата во македонскиот, а ново истражување ги испитувало во англискиот - излегува дека тие се идентични.

Двајца истражувачи од Универзитетот на Калифорнија во Мерсед анализирале како се користат две чести метафори во комуникацијата за шумски пожари: пожарот како гладен ѕвер и како непријател во војна. Нивните откритија се објавени во списанието Metaphor and Symbol.

Професорот Тајлер Маргетис, коавтор на студијата заедно со когнитивната научничка Тини Матлок, вели дека шумските пожари вклучуваат безброј хемиски процеси што се случуваат паралелно на голема површина, а човечкиот ум тешко ги поима тие нивоа на сложеност и размер. Токму затоа луѓето често се потпираат на метафори – за да ги визуелизираат и ментално обработат тешко разбирливите природни феномени.

Истражувањето покажува дека метафорите, иако можат да бидат ефикасни во мобилизирање на јавноста, понекогаш пренесуваат погрешна порака или предизвикуваат реакција што не ѝ помага на соодветната стратегија за справување со пожарите. Затоа е важно медиумите и институциите внимателно да ги избираат зборовите што ги користат во вакви ситуации.

Метафорите се присутни насекаде во секојдневниот јазик: даваат човечки карактеристики на поими, повикуваат слики што ни помагаат да разбереме сложени идеи – како кога ќе кажеме дека некој „гори од бес“ или дека „правдата е слепа“. Во насловите на вести за пожарите во округот Лос Анџелес често се среќаваат фрази како „див ѕвер“ или „разорна огнена стихија“, што дополнително ја засилува драмата и вознемиреноста кај јавноста.

Маргетис објаснува дека различни метафори нудат различни начини на размислување за истиот проблем. Во студијата се користени податоци од архиви на телевизиски вести од 2009 до 2023 година, каде се пронајдени над 150.000 прилози за шумски пожари. Двете метафори – за војна и за ѕвер – се појавувале постојано низ годините.

Посебно внимание било посветено на тоа како овие метафори влијаат врз јавната перцепција на контролирани, односно намерни пожари – техника што ја намалува опасноста од неконтролирани пожари. Ако огнот се прикаже како непријател што мора да се уништи, се пренесува порака дека секое горење е негативно, иако огнот е природен дел од животниот циклус на шумите. Од друга страна, ако се прикаже како ѕвер што се храни, може да се сугерира дека отстранувањето на „храната“ – односно сувите растенија – ќе го спречи ширењето.

Метафорите може да се надополнуваат: метафората за војна повикува на заедничка акција и солидарност, додека таа за ѕвер сугерира стратешки пристап – контрола преку ограничување на ресурсите.

Претходна студија на Матлок од 2017 година покажа дека луѓето биле посклони да се евакуираат ако пожарот бил опишан како „чудовиште“. Тие имаат различни причини да се подготвуваат за пожари – некои за да ги заштитат своите домови, други за да го сочуваат екосистемот. Метафорите, според студијата, нудат начин за поврзување на различните гледишта и за подобро информирање на пошироката јавност.

22 јули 2025 - 14:52