
„Татами“, целиот снимен во црно-бело, раскажува приказна која е далеку од таква, црно-бела. Џудоката - врвна спортистка во џудо Лејла - учествува на значаен меѓународен натпревар во Тбилиси, Грузија, како членка на иранскиот џудо тим. Нејзиниот тренер и блиска пријателка, Марјам, и самата е поранешна џудока, која поради повреда станала предводник на националниот тим во овој спорт.
Приказната има два паралелни тека, едниот кој се одвива во спортскиот комплекс во Тбилиси, а другиот кој ретроспективно води до моментот на натпреварувањето. Лејла има сопруг и мал син, пошироко семејство и круг пријатели кои ја поддржуваат на секој чекор. Но истовремено во неа се вперени и очите на властите, кои секако сакаат земјата да се фали со шампиони, но истовремено имаат и свои „црвени линии“. Една од нив е и секогаш да избегнуваат директен дуел со претставници од Израел, бидејќи на тој начин сметаат дека би го признале постоењето на оваа држава.
Како што натпреварот напредува и Лејла се пробива кон финалето со неверојатна енергија, така шансите таа да се соочи токму со претставничката на Израел растат. Тогаш телефоните почнуваат да ѕвонат, а предупредувањата доаѓаат дури и од трибините - но не од публиката, туку од дипломатските претставници на Иран во Грузија кои на некој „магичен“ начин имаат пристап дури и до вежбалните и соблекувалните на учесниците.
Така, на татамите - душеците кои го покриваат подот на салата - се одвива една друга, неспортска борба. Мирјам, која како што дознаваме всушност воопшто не била повредена туку се откажала од натпреварување токму поради вакви политички притисоци, многу бргу попушта на повиците и ја убедува Лејла да се откаже. Оваа пак е решена да ја истера правдата, дури и откако полицијата влегува во станот на нејзините родители и снима предупредувачки пораки, а мажот и синот пеш тргнуваат да ја минат границата.
Филмот е остра критика не само на иранската власт, туку и на која и да е тоталитарна идеологија која во своите геополитички пресметки го замешува спортот. Сепак, тој не е само спортски, туку го истражува универзалниот однос систем-поединец. Самите автори на филмот се дуо на кое исто така не би му било дозволено да се соочи во арена - Гај Натив е Израелец, а ко-сценаристката Зар Амир Ебрахими, која се јавува и во улогата на тренерот, е Иранка која долго време живее во Париз. Главната улога ја игра американската актерка Ариен Манди. Премиерата на филмот се случи на 80-тото издание на Венецијанскиот фестивал во 2023, а од очигледни причини не е сниман во Иран.
Тој е инспириран од вистински инцидент кога иранската џудока Саеид Молаи добила наредба да глуми повреда за да не се натпреварува против тогашната шампионка во џудо, Саги Муки, на светското првенство во Токио во 2019. Откако отворено се спротивставила, Молаи заминала за Европа и добила статус на бегалец во Германија. Таа и Израелката потоа станале пријателки и конечно се соочиле и на татамите, кога Молаи се натпреварувала за Азербејџан и - победила.
Илина, Букбокс