
Да бидеш „колдплејд“ на интернет сленг од неодамна значи: да бидеш несакајќи разоткриен додека изневеруваш, посебно кога има публика или јавен настан односно да бидеш виден на погрешно место со погрешна личност во погрешно време. Терминот се користи синонимно со изрази како „фатен жив“, „наместен“ или „изигран“.
Ако сте живееле под камен деновиве или поради некој ненадеен благослов не сте имале пристап на интернет, сето ова започна со видео од концерт на Колдплеј во Масачусетс, каде што на голем екран (тн. kiss cam) беше прикажан пар кој лежерно уживаше во настапот во гушкачка поза. Но, откако забележаа дека се на камера, двајцата одеднаш се повлекоа и ги покрија лицата. Коментарот на пејачот Крис Мартин беше: „Овие се или срамежливи или се кријат“. Испадна второто. Откако видеото се прошири сосе сите пародични мемиња (некои и пософистицирани од други), јавноста ги идентификуваше луѓето во кадарот: извршниот директор на компанијата Aстрономер, Енди Бајрон, и директорката на кадрово во истата фирма, Кристин Кабот – двајцата во брак, ама со други луѓе.
Терминот „coldplayed“ брзо стана популарен и се прошири како симбол за моќта на социјалните мрежи да создаваат нов јазик и терминолошки одредници кои произлегуваат од популарната култура. Сега се следи дали ќе стане траен дел од онлајн сленгот или ќе остане моментална мода. Кај нас одамна си го имаме многу сличен, „сеир“.