Заврши кратката авантура на Онлифанс во Кина

Кина го блокира пристапот до OnlyFans, наведувајќи го како „закана за националниот морал, културните вредности и општествениот поредок“. Прашање е како оваа платформа на која главно се споделуваат порно содржини од домашна изработка, воопшто се протнала преку строгите кинески цензури кои одамна ги забранија и побезопасни канали како Јутјуб, Фејсбук и Инстаграм. 

Во објаснувањето за блокадата на OnlyFans се наведува дека платформата е „симбол на моралниот распад на Западот“ и „западно мочуриште“ за кое нема место во кинескиот дигитален простор.

Повеќе од оваа одлука изненадува тоа што платформата за споделување порно содржини оваа година стана достапна до корисниците во Кина, кои дури и не мораа да употребуваат VPN за да ја прикријат локацијата. На социјалните мрежи се водеше дебата дали тоа е промена на политиката или само пукнатина во Големиот дигитален кинески ѕид.

Некои дури и претпоставуваа дека е креативен одговор на властите против растечката стапка на невработеност кај младите, на кои им нуди финансиска независност преку креирање и продажба содржини за возрасна публика.

Во Кина, производството или дистрибуцијата на содржина за возрасни е кривично дело. Дури и индиректната поврзаност со такви платформи може да предизвика сериозни последици.

Но, порнографијата не е главната причина поради блокирањето на платформата базирана на претплата на корисници. На долгата листа забранети апликации се и Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб и Вотсап. 

Таа се вклопува во поширокиот наратив што комунистичките власти го промовираат со години: строга контрола на влијанието од странство врз сите содржини достапни на интернет.  Преку државните медиуми упорно се истакнува посветеноста на властите за борба против „духовно загадување“ - широк термин што опфаќа сè од порнографија до политичко несогласување. OnlyFans ги има сите белези на закана за социјалната стабилност на Кина - западен либерализам, лична и слобода на дигитално изразување.

Платформата е блокирана и во Турција, по кампањата од конзервативците дека „промовира заработување со неморални средства“. Забранета е и во Русија, но од други причини – бидејќи поради финансиските санкции не може ефикасно да им бидат префрлени пари на креаторите на содржини.

Пристапот е ограничен е во многу повеќе земји, вклучувајќи ја и „либералната“ Шведска.

******

Види и: Турција не трпи Онлифанс предизвици
Покрај толку талибанци и техерани, Шведска најде да го притиска Онлифанс

25 јули 2025 - 11:15