10 откачени нешта со кои Ози Озборн ќе влезе во рокенрол фолклорот

Го знаете она „веќе не ги прават како порано“? Во случајот со Ози ова е изрека на место - без оглед дали сте фан на неговата музика, човекот дефинитивно има богата биографија, која сега, по неговата смрт на неверојатно висока 76-годишна возраст (за начинот на којшто живееше), станува дел од усната историја на рокенролот.

10. Уште како тинејџер завршил во затвор

На 17 години, Ози Озборн бил затворен за глупа кражба - украл телевизор кој бил премногу тежок за носење, а притоа зграпчил и куп бебешка облека. Младиот прекршител бил осуден на три месеци откако татко му одбил да ја плати судската казна (на крајот одлежал шест недели). „Пробав малку да крадам“, изјавил подоцна, „но бев бескорисен“.

Сепак, Ози имал неколку работни места во тинејџерските години. Работата во која бил најдобар и во која најдолго се задржал била во кланица каде што убивал крави и свињи, што ќе се покаже релевантно за понатамошните точки.

9. Изгорел од желба да фрли телевизор од хотелска соба

По концерт на стадионот Страхов во Прага во 2002 година, Ози сфатил дека му недостасува едно витално достигнување од рокенрол прирачникот: никогаш не фрлил телевизор од хотелска соба. За да го исправи овој пропуст, се зафатил со очигледно тешката задача да го ослободи телевизорот од сите штрафови на држачот во неговата соба во луксузниот хотел „Четири сезони“. Спојлер: не успеал. Подоцна велел дека оваа техничка пречка излегла добра работа, затоа што под прозорецот имало тип што пушел и можел да го убие на лице место.

8. Одгризал глава на лилјак

Оваа легенда е позната, но она што не се знае е дека кога 17-годишниот Марк Нил фрлил мртов лилјак на сцената на концерт во 1982 година, Ози верувал дека одгризува глава на играчка, а не на вистинско животно. По шоуто, пејачот бил однесен во блискиот медицински центар Бродлонс за да добие серија болни инекции против беснило. Пам Калвер, медицинска сестра на должност таа ноќ, подоцна изјавила дека „една недела веројатно 50 проценти од мојата работа беше да одговарам на повици на луѓе кои сакаа да знаат како е Ози и бараа детали за целата работа“.

7. Обезглавил гулаб

На денот на издавањето на американското издание на неговиот деби соло албум, „Близард оф Оз“, на 27 март 1981 година, Ози одлучил да го прескокне формалното претставување пред директорите на издавачката куќа и присутните на продажната конференција на CBS во Лос Анџелес. Наместо тоа, мртов ладен пред нив одгризал глава на гулаб. Спротивно на тогашните извештаи, во нешто што може да се толкува како олеснителна околност, подоцна било откриено дека пејачот обезглавил веќе мртва птица.

И покрај тоа што неговите работодавачи тврделе дека никогаш повеќе нема да снима за таа издавачка куќа, CBS (преку издавачката куќа Epic) продолжила да ги издава албумите на Ози уште долго време.

6. Убил и 17 мачки

Од причини познати само ним, во еден момент семејството Озборн поседувало 17 мачки. Од причини познати само на Шерон Озборн, таа решила дека е добра идеја да го остави сопругот сам со нив.

Ози подоцна изјавил: „Толку многу се дрогирав што не знаев кај сум. Последната капка беше кога ги убив сите наши мачки. Ги имавме околу 17, а јас полудев и ги расчеречив сите. Жена ми ме најде под пијаното во бело одело, со пушка во едната рака и нож во другата.“

И покрај тоа што подоцна променил многу од своите лоши навики, непријателството на пејачот кон сите суштества, големи и мали, го држело до крајот на животот. Во 2021 година призна дека пукал во животни кои залутале во градината на неговата вила во Лос Анџелес за време на карантинот. Хобито го опиша како „добра забава“.

5. Уапсен е за обид за убиство – на својата сопруга

Во инцидент за кој поради некоја причина му е целосно простено, во 1989 година, Ози се обидел да ја убие Шерон Озборн во нивниот дом во руралната област Бакингемшир. Подоцна ќе го опише хаосот како „најсмирено што некогаш сум се чувствувал во животот“.

4. За малку ќе му ги спржел гениталиите на буњарот Бил Ворд

Во Лос Анџелес, во 1972 година, зависноста на Блек Сабат од кокаин достигнала такви пропорции што бендот размислувал да го насловат албумот на кој работеле „Сноублајнд“. Зборувајќи за „Ролинг Стоун“, Ози се присетил на атмосферата: „Видов една лименка и го испрскав со неа Бил по к*рот [што претпоставува дека овој бил гол?]. Тој почна да вреска и да се препелка. Ја погледнав лименката и на неа пишуваше: Внимание: не прскајте на кожа – високо токсично. Го отрув Бил преку неговиот стап.“

3. Внел ајкула низ прозорец

И покрај скудните детали, оваа приказна е премногу добра/лоша за да се изостави. Додека бил на промотивна турнеја за неговата автобиографија „Iron Man: My Journey Through Heaven & Hell With Black Sabbath“, гитаристот Тони Ајоми раскажал уште една неверојатна приказна за тоа како Ози малтретирал уште едно од Божјите созданија. Дека Ози внел ајкула низ хотелскиот прозорец, ја распарчил и целата соба ја испрскал со крв. Не дека не може да се замисли. 

2. Му дал дрога на свештеник

Кратко по преселбата во англиското село, Ози имал една важна инструкција за својата прва сопруга, Телма. „Не дозволувај никој да го јаде овој проклет колач“, ѝ рекол. „Ќе биде лошо.“ Така и се случило. Покрај шеќер, брашно и јајца, тој содржел голема количина авганистански хашиш.

Неколку дена подоцна, по враќањето од кафана, пејачот во паника забележал дека неговата заповед била прекршена. Свештеникот бил претходно на гости кај нив дома и невино пиел чај со парче од колачот. Го нашол паднат во кујната и потпрен на ѕидот. Ози немал возачка, но успеал да го однесе до дома со „службената“ кола од црквата.

Свештеникот не бил виден во својата парохија следните две недели. Кога конечно се сретнале му рекол дека сигурно фатил ужасен грип кој го нтерал да халуцинира цели три дена. 

1. Се измочал на Аламо

Ози Озборн не само што се измочал на историскиот споменик Аламо, туку го сторил тоа среде бел ден додека бил начукан. Откако си ја натопил облеката паѓајќи во канал после цела ноќ пиење, тој на себе носел и облека од неговата сопруга, вклучувајќи пар женски панталони. Наскоро бил уапсен за недолично однесување, но кога Шерон Озборн ги убедила властите дека 15.000 луѓе кои купиле билети за концертот таа вечер во блиската арена би можеле лошо да реагираат на ненадејно откажување, пејачот бил пуштен од затвор пред да се стемни.

Децении подоцна, зборувајќи со својот татко на Хистори Ченл, Џек Озборн правилно забележал: „Тато, ти буквално се измоча во американските историски книги. Очигледно, кога луѓето го посетуваат Аламо, повеќе прашуваат за тебе отколку за Дејви Крокет.“

Види претходно: Почина Ози Озборн, човекот кој уште жив викаше „Јас своето си го умрев“ 

23 јули 2025 - 15:59