Почина Ози Озборн, човекот кој уште жив викаше „Јас своето си го умрев“

Ози Озборн почина на 76 години. Принцот на темнината беше икона на британскиот хевиметал и не ни се очекуваше да доживее толку, да не беше една ретка генетска деформација која огромните количини алкохол и дроги кои со децении ги истураше во себе не му ги поништуваше многи поефикасно отколку кај нормален човек. Ози Озборн се одјави само три недели по прошталниот концерт на Блек Сабат. „Mama, I’m Coming Home“, најави тој од бината.

Беше роден како Џон Мајкл Озборн во Астон, Бирмингем, во 1948 година, како син на двајца фабрички работници. Не најсреќно детство. Освен што живеел во релативна сиромаштија, на 11-годишна возраст бил сексуално злоставуван од две момчиња: „Беше ужасно... Се чинеше дека трае вечно“, изјави за Мирор во 2003 година. Бил затворан и за кражби; признаваше дека не го бива за таа работа. 

Околу неговата ексцентричност се плетеа и вистинити и полувистинити приказни, како на пример онаа дека со заби има кинето глави на птици на концерти.

Со Блек Сабат (име ставено по еден хорор филм со Борис Карлофф) ги има снимено првите осум одлични албуми пред во 1979 година да го избркаат од бендот заради неговите легендарни проблеми со алкохолот и дрогите. Во групата се врати во 2013-та.

Најозлогласениот инцидент со Озборн во неговата соло кариера се случи во 1982 година, кога ја откинал главата на мртов лилјак за кој верувал дека е сценски реквизит, додека настапувал во Де Мојн, Ајова. Реквизит, реквизит, ама подоцна отишол во болница за да прими превентивна вакцина против беснило. Неговиот поранешен публицист Мик Вол потврди дека им има откинато глави на два гулаба за време на состанок со издавачката куќа. Состанокот пропаднал, инаку Ози првично планирал да ги пушти птиците како знак на мир.

Во 1982 година, се жени со Шерон, жена со деловна остроумност и голема лојалност кон Ози. Сепак, во 1989 година, Ози беше уапсен дека се обидел да ја убие Шерон со давење во моменти на жестока алкохолизираност. Полицаецот во ќелија морал да му прочита што направил за да сфати што се случило.

На 5 јули, Ози Озборн повторно се спои со оригиналните членови на Блек Сабат, првпат по 20 години. И тој и неговиот глас го издржаа концертот во Бирмингем, иако беше сериозно нагризан и од Паркинсоновата болест и од бројните операции на ‘рбетот. 

За неговата биолошка отпорност кон отровите пишувавме во статијата „Ози Озборн крепи алкохол заради генетска мутација“.

Преживеал удар од авион, зависности од дрога и алкохол, ментални крахови и нефункционални семејни сетапи, за потоа да стане експерт за фармација, неврологија, психологија и хипохондрија, пишавме во „Јас своето си го умрев

Едно време ја водеше рубриката „Прашајте го доктор Ози“ во Ролинг Стоун. Едно од прашањата беше зошто тестисите висат на различни висини.

Доктор Ози одговори: 

Од практични причини. Ако се на иста висина, кога ќе застанеме, би ѕвонеле како камбани.

Оди дома, Ози, добро беше.

22 јули 2025 - 20:21