Зборовите со кои Том Вулф го збогати англискиот јазик

„Збогатување“ на јазикот на многумина наши лингвисти им звучи како богохулие и широко отворена порта за немакедонштина. Од друга страна, и на креативни решенија во рамки на јазикот се гледа како на непотребна играрија. Во англискиот само еден писател, кој почина неодамна, на 88 години, придонел со повеќе од 150 зборови и изрази.

Некролозите по повод смртта на Вулф, автор, меѓу другите, на романот „Огномет на суетите“ и на пионерскиот пристап наречен „Ново новинарство“, бил познат по сочна употреба на јазикот, како и по дарба за забележување трендови и нивно именување. Така, Radical Chic или the Me Decade станаа познати американски идиоми, кои опишуваат значајни општествени појави.

Но придонесот на Вулф кон англискиот јазик ги надминува ваквите изрази кои тој ги популаризирал. Оксфордскиот речник на англискиот вклучува околу 150 цитати од написи на Вулф, кои во најголемиот број случаи се истовремено и најраните извори за различни зборови и изрази. Еве некои од нив, кои ќе се обидеме да ги преведеме.

aw-shucking

Однесување кое подразбира лажна скромност или изглумено себеобвинување. Македонски предлог (си имаме): гувеење

Owsley

Од неговата книга The Electric Kool-Aid Acid Test од 1968; екстремно силен висококвалитетен вид Ел-ес-ди, именуван по Оусли Стенли, аудио инженерот на Грејтфул Дед, познат по неговите аматерски лабораториски експерименти со разни друго, починат 2011. За ова не сме доволно упатени за македонски предлог, но сигурни сме дека би се нашло соодветно име.

Edge City

Замислено озлогласено место вон границите на конвенционалното општество. Ко митско „Свирипичино“, ама со убиства и дроги. _______________пичино (вметни според сопствената географска локација и искуство со такви места)

Radical Chic

Кога е во мода мантрање радикално леви гледишта, само затоа што тоа е модерно. Изразот најверојатно го собрал од Сејмур Крим, кој го искористил пред него во збирка есеи. Мак: Радикално лигавење.

The Right Stuff

Оксфордскиот речник го има документирано овој израз, „она вистинското“ уште во 18 век, во смисла на „токму она што се бара“ (особено алкохол или пари). Но книгата со овој наслов на Вулф кој се однесува на астронаутите од Проектот Меркури му дало и ново значење - потребни квалитети за одредена работа или задача. Од истата книга е и изразот push the envelope (проширување на ковертот), во смисла на надминување на постоечките граници за извршување на одредена работа или потфат.

plutography

Игра на зборови, комбинација на плутократија (владеење на богатите) и порнографија. „Ова може да е деценија на плутографија“, изјавил Вулф за Чикаго Трибјун во 1985, објаснувајќи дека плутографијата е графички опис на она што го прават богатите.

Иако при крајот на кариерата велат дека неговата јазична креативност како да згаснала, би сакале да имаме повеќе Вулфовци во нашиот јазик. И не мора да се облечени во бело, со шамивче во реверот.

18 мај 2018 - 09:56