Многу си ми „гигил“

Зборовите кои ви недостасуваа

Веројатно веќе ви е позната нашата опсесија со непреводливоста. Ама па како да не бидеш воодушевен кога ќе видиш дека постои збор за нешто што отсекогаш си сакал да го вербализираш, ама пустото немало како.

Kummerspeck (германски)

Килажа добиена заради „емоционално прејадување". Буквално - очај сланина.

Shemomedjamo (грузијски)

Кога веќе си прејаден (од очај или не), ама не можеш да престанеш од што ти е убаво. На Грузијците очигледно често им се случува. Буквално „случајно го изедов целото". Не знаеме дали важи и за други видови задоволства.

Backpfeifengesicht (германски)

Лице кое плаче за тупаница. Сигурни сме дека имате такви на лагер.

Iktsuarpok (инуитски)

Кога чекаш некој да ти дојде на гости, и од нетрпение излегуваш на балкон или пред куќа да видиш дали доаѓа? Е ова е зборот.

Pelinti (јазикот були, Гана)

Она кога другар ти ќе касне нешто за што не знае дека е луто, па ја крева главата, врти со очите и го испушта оној грлен „аагррр" звук. Попрецизно зборов значи „да вртиш лута храна во устата".

Greng-jai (таи)

Чувството кое го имаш кога не сакаш да тераш некој да направи нешто за тебе затоа што тоа би им паднало тешко.

Mencolek (индонезијски)

Она кога ќе удриш некого од позади по рамо, па му се криеш од другата страна? Си имаат луѓето збор за ова „шеретско поукање".

Gigil (филипински)

Е ова посебно ни се допаѓа - нагонот да иштипеш или да згмечиш некого од што ти е сладок. Во наш контекст оди во комплет со „Абе ќе те изедам!".

Fremdschämen (германски); Myötähäpeä (фински)

Понежните братучеди на „шаденфројде", односно нашиот сеир. Значи нешто во смисла да се засрамиш од нечија туѓа брука. „Ме изеде туѓ срам", веројатно би бил вистинскиот еквивалент.

Pålegg (норвешки)

Сè што може да се стави во сендвич: шунка, џем, нутела, харинга, пица (да да, и тоа има).

Layogenic (тагалог)
Ова да ти било кога некој од далеку делува супер, ама како што се приближува (физички или емотивно) сфаќаш дека е хаос. Вистински Моне.

Bakku-shan (јапонски)

Девојка (не знаеме дали важи и за машки) кои од позади делуваат супер, ама не и од напред.

Kaelling (дански)

Од оние жени кои стојат на каса или во парк или во ресторан, и им се дерат на своите деца. Знаете кои.

Boketto (јапонски)

Кога се ѕвериш во празно, чисто онака. А колегите ти викаат „по накај десно е инспирацијата...не, полево...".

Litost (чешки)

Кундера го опишува ова како „состојба на очај создадена од ненадејниот поглед на сопствената мизерија".

Ya'arburnee (арапски)

„Закопајте ме" - изјава на надеж дека ќе умреш пред оние кои ги сакаш. Дури и ако ти оставиле аманет да им напишеш некролог, затоа што те бивало за тој жанр.

22 февруари 2014 - 10:41