Во стандардниот репертоар на историски оправдувања на менталитетот и начинот на функционирање на работите во Македонија преовладуваат две културолошки референци - „пусто турско“ и „византиско“. Да, Византија била прагматична и приземна култура, но развила софистицирани системи за оданочување, судство, администрација и војска, а имала и голем придонес во науката и технологијата, кој денес е релативно непознат.
Во нова книга, „Кабинтетот на византиските чуда: необични приказни и изненадувачки факти од најортодоксната империја во историјата“ на Антони Калделис, тој се обидува да ја исправи работата, опишувајќи пронајдоци и откритија на Византијците од различни области.
На пример, воените пронаоѓачи на Византија го усовршиле таканаречениот „Грчки оган“ (слика горе), запаллива течност слична на напалм, која била исфрлана кон непријателските бродови или кон пешадијата во вид на рачни гранати. Византиски филозоф поставил два синхронизирани часовника, еден на границата и еден во главниот град, и измислил систем за испраќање пораки преку цела Мала Азија со помош на огнени сигнали, секој со „временски печат“, односно кодиран во однос на точното време кога бил испратен. А византиските теолози вклучувале античка наука во наставната програма, за идните верски мислители да се потковани и во оваа област.
Но Византијците, и покрај големата инспирација која ја црпеле од старогрчката култура, на моменти биле и чекор пред неа. Така, филозофот од Александрија, Филопонос, бил првиот кој изразил несогласување со теоријата за телата во слободен пад на Аристотел, кој тврдел дека различни материјали при пад реагираат согласно нивната природа - камен паѓа побргу бидејќи е елемент на земјата, а чадот „природно“ оди нагоре, за да му се придружи на воздухот. „Ова е целосно погрешно“, напишал Филопонос. „Ако фрлите две тела со голема разлика во тежината од иста висина ќе видите дека временската разлика во падот не е пропорционална со разликата во тежината, всушност дека има мала разлика“. Но овој мислител ретко е споменуван во врска со ова откритие, направено илјада години пред Галилео.
Византијците имале и одлично развиен систем за складирање вода. Најпозната е отворената цистерна во северен Константинопол, во турскиот период наречена Чукурбостан („Потоната градина“), која сега е фудбалски стадион во Истанбул. Постоел и покриен резервоар со капацитет од 40.000 метри кубни, поддржуван од 224 двојни столбови. Турското име му е „Илјада и еден столб“ а денес е место каде се одржуваат свадбени веселби. Најголемиот покриен резервоар се наоѓа спроти црквата Св. Софија во главниот град на Турција, кој може да собере 80.000 метри кубни, а е користен како локација за филмот за Џејмс Бонд од 1963, „Од Русија со љубов“.
Во 1162 еден арапски жител на Константинопол изјавил дека ќе се обиде да лета, фрлајќи се од кулата над хиподромот. Најпрвин мислеле дека е шарлатан, но потоа сфатиле дека е пронаоѓач - на себе имал долга бела туника, набрана така да личи на крилја. Планот му бил да ја отвори и да го фати ветерот како со едро. Царот испратил човек да го премисли, но без успех. Човекот се фрлил од кулата како птица, но треснал на земјата како камен. Сличен обид бил направен на Ајфеловата кула во 1912, со истиот резултат.
И после сè, Византијците повторно ќе бидат познати по придавка која означува махинации и превртливост. Ама па кој има потреба да биде политички коректен во однос на царство кое пропаднало пред толку векови?