Aко има книжевен жанр кој го доживеа својот процут оваа година тоа е епистоларниот - излегоа неколку книги со преписки од Курт Вонегат, Пол Сезан и Ернест Хемингвеј. Остер и Куци се допишуваа на спортски и филозофски теми (за што пишувавме тука), а популарниот сајт Letters of Note кој архивира историски значајни, но и книжевно убави примери на писма, објави избор во форма на книга.
На што се должи ова заживување на писмото како медиум? Веројатно полека сфаќаме што губиме пишувајќи ефемерни пораки, мејлови и статуси, без многу мислење за содржината на напишаното, а камоли за неговата форма, во смисла на стил, галантност, боја на хартија, калиграфија, капка парфем или пресуван лист во атачмент. Истото го сфатил и Сајмон Гарфилд, кој во книгата „За писмото: патување низ свет кој исчезнува" прави преглед на според него најубавите примероци на „писмена" книжевност, на преписки помеѓу љубовници, политичари и лути непријатели, кои го опишуваат духот на времето во кое настанале, но и нудат увид во „здивот на човечките емоции".
Гарфилд вклучил преписки меѓу Абелар и Елојза од 12. век до писма на сочуство испратени до Леонард Вулф по смртта на неговата жена, Вирџинија, од острите писма на Хемингвеј до страсните на Наполеон кога и пишувал на Џозефина. Тој бил фасциниран од писмото на Елвис Присли кое било испратено до претседателот Никсон во 1970, во кое барал беџ од федералната агенција за наркотици. Присли веќе поседувал други полициски беџови, но се надевал дека овој ќе му овозможи да носи оружје и да поседува дрога. Писмото е напишано рачно во тек на лет од Лос Анѓелес до Вашингтон, а ПС-то гласи „Верувам дека и вие господине стееден од топ десет најзначајни луѓе во Америка". Писмото ја постигнало целта - Елвис се сретнал со Никсон во Белата куќа и го добил беџот. Потоа уште повеќе се дрогирал. (детален приказ на настанот тука)
Интересни се и оние писма кои се напишани на рака во ера на компјутерите. По ова бил познат Тед Хјуз (добитник на Струшкиот венец 1994), кој никогаш не користел тастатура. Неговиот издавач Фабер и Фабер му купил компјутер за да биде достапен на мејл, но тој секогаш пишувал или со пенкало или на машина за куцање, сметајќи дека има вредност во тоа да се мачиш на тој начин со „грозниот отпор" на листот.
„Смртта" на писмото како медиум не е нова тема - уште во 1840 кога во Британија биле воведени поштенските марки од едно пени елитата верувала дека тоа ќе доведе до поевтинување на една уметничка форма за која само тие биле способни. Во јануари 1919 Yale Rеview известил дека „уметноста на пишувањето писма е загубена", обвинувајќи ги телефоните, машините за куцање и телеграфот. За изумирањето на некоја вештина секогаш е виновен некој или нешто вон нас самите. Но и покрај неговата недушевна форма, и еден мејл може да биде повод за книжевна радост. Пробајте..