Преписка Куци-Остер

Дали гледањето спорт е „виновно задоволство"?

Во повеќе наврати сме промовирале соработка со спортската рубрика на сајтов. Еве уште еден повод: двајца писатели. нобеловецот Џ. М. Куци и славниот Пол Остер, преку писма дискутираат за сопствената опсесија, да гледаат спортски натпревари, и да се чувствуваат виновно што си го губат времето.

30. декември 2008

Драг Пол,

„Кризата на светските финансии" за којашто пишував минатиот пат изгледа дека ќе продолжи и во новата година. Во моментов сметам дека треба да ја напуштам мојата улога на коментатор на економски прашања. Се присетувам на Езра Паунд, чие ослободување почна да се случува во текот на депресијата од 1930-тите, кога тој се убеди себеси дека ги разбира работите околу тоа како функционира економијата кои другите луѓе, заглавени во фикции, биле слепи да ги видат: наскоро тој се претвори во она што Гертруда Штајн го нарече „селски мудрец", вујче Ез.

Во хемисферата е длабоко лето, и го минав денов, недела, седејќи пред телевизискиот екран, гледајќи трет ден петдневен меч крикет помеѓу националните тимови на Австралија и Јужна Африка. Бев вовлечен, емоционално вклучен, се изедов себеси без да имам таква наемра. За да го гледам натпреварот ги ставив настрана двете или трите книги, кои ми се на половина.

Крикетот се игра со векови. Како и со сите игри, и во оваа има броени потези кои можеш да ги направиш, последици кои можеш да ги предизвикаш. Многу е веројатно дека резултатот во Мелбрун во недела, 28. декември 2008 ги пресликува, во секој поглед, резултатите на некој друг крикет на некое друго место. До триесетата година секој сериозен гледа мора да има моменти на „веќе видено" - повеќе од моменти, продолжени периоди. И оправдано: сето ова било направено претходно. Додека за добрата книга единственото што можеш да го кажеш е дека таа никогаш претходно не била напишана.

Тогаш, зошто си го губам времето оптегнат пред телевизискиот екран гледајќи млади мажи кои се натпреваруваат? Се согласувам дека тоа е губење време. Имам некакво искуство (од втора рака), но тоа не ми врши работа. Не учам ништо. Ништо не добивам.

Дали ова ти звучи познато? Дали укажува на нешто кое го препознаваш? Дали спортот е како и гревот: може да не го одобруваш, но сепак клониш кон него, затоа што телото е слабо?

Срдечно,

Џон

* * *
Хотел д'Обисон

Париз

10. јаунари 2009

Драг Џон,

Твоето луцидно, досетливо писмо од 30 декември пристигна само два часа пред да заминам за аеродром. Сега сум повторно во Европа, во студениот Париз, точно во дванаесет на пладне, седејќи во мојата хотелска соба, неспособен да продолжам со дремката која се надевав дека ќе ми дојде за да ги отстрани последиците на непроспиената ноќ. Извини за чудната хартија за писма, и глупото пенкало. Заради некоја причина париските хотелски соби не се опремени со машини за куцање...

Гледање спорт на ТВ

Се согласувам дека ова е бескорисна активност, крајно губење време. Па сепак колку часови од мојот живот ги имам потрошено точно на овој начин, колку попладниња се имам опнато пред екранот исто како и ти на 28 декември? Бројката без сомнеж е голема, и самата помисла на неа ме исполнува со срам.

Ти зборуваш за твојот грев (на шала), но веројатно вистинскиот термин е „виновно задоволство" (guilty pleasure), или веројатно само задоволство. Во мојот случај, спортовите кои ме интересираат и кои ги следам редовно се оние од моето детство. Ако ја знаеш и разбираш играта интимно, можеш да ги цениш често пати воодушевувачките вештини или професионалците. Исто така, во мојот случај, имам тенденција да се фокусирам и да следам специфични тимови. Така вклученоста станува подлабока, кога секој играч е позната фигура, познат квантитет, тоа што го познаваш го зголемува твојот капацитет да ја издржиш досадата, тие здодевни моменти кога ништо посебно не се случува.

Нема сомневање дека игрите имаат силна наративна компонента. Ги следиме премрежјата на борбата за да дојдеме до финалниот резултат. Но не, не е како читање книга - барем не оние видови книги кои јас и ти се обидуваме да ги пишуваме. Но веројатно е поблиску до жанровската литература. Помисли на трилерите или детективските романи, на пример...

(Неочекувано ми се јави пријател и ме чека долу. Морам да одам, но ќе продолжам кога ќе се вратам) Три часа подоцна -

...кои се секогаш истата книга, бесконечно повторувана,
со илјадници суптилни варијации на истата приказна, па сепак публиката има неодолива глад за овие романи. Како секој од нив да е повторно одигрување на ритуалот.

Наративниот аспект, да, кој не држи да гледаме до финалниот натпревар, финалното отчукување на часовникот, но се на се сметам дека спортовите се вид изведувачка уметност. Се жалиш на квалитетот на „веќе видено" на голем број игри и натпревари. Но нели ти се случува истото кога одиш на рецитал на твојата омилена пијано соната од Бетовен? Веќе го знаеш делото на памет, но сепак сакаш да слушнеш како ќе го интерпретира токму тој посебен пијанист. Има обични пијанисти и спортисти, но понекогаш наидува некој кој ти го одзема здивот.

Се прашувам дали два натпревара некогаш биле сосема исти. Веројатно. Сите снегулки изгледаат исто, но популарната мудрост вели дека секоја од нив е посебна. Планетава ја населуваат повеќе од 6 милијарди луѓе, и наводно сечиј отисок од прстот е различен од другиот. Од сите стотици бејзбол натпревари кои сум ги гледал - дури и илјадници - речиси секој содржел некој мал детал и настан кој не сум го видел во друга игра.

Има задоволство од новото, но и задоволство од познатото. Задоволство да ја јадеш храната која ти се допаѓа, задоволството од секс. Без оглед колку егзотичен или сложен може да ни е сексуалниот живот, оргазмот си е оргазам, и го очекуваме со задоволство, поради задоволството кое ни го приредило во минатото.

Сепак, навистина може да се чувствуваш глупаво откако си поминал цел ден пред телевизор, гледајќи како млади луѓе си ги тријат телата еден од друг. Книгите стојат на масата непрочитани. Не знаеш каде отишле часовите, а уште полошо, твојот тим загубил. Така велам од Париз, знаејќи дека утре Њујоршките Giants играат одлучувачка утакмица против силниот тим на Филаделфија, кој нема да можам да го гледам - и криво ми е.

Со голем поздрав преку океани и континенти,

Пол

Извадок од новата книга „Тука и сега: писма (2008-2011)", преписка меѓу Џ. М. Куци и Пол Остер.

23 март 2013 - 10:00