Кога читаме очите ни прелетуваат од збор до збор, лево кон десно, а кога ќе дојдеме до крајот на редот тие прават нешто што се нарекува „повратен замав". Во текот на тој процес имаме многу малку време за процесирање на информациите, и сето тоа не само што се одвива брзо, туку и како да е на „автоматски пилот".
Сепак, ова е моментот кога губиме многу време. Голем број луѓе, сакајќи да забрзаат, не почнуваат да читаат баш од првиот збор во редот. Најчесто се навраќаме на вториот или на третиот, а потоа само на „сец" погледнуваме на почетокот, за да го забележиме првиот збор, и така да ја комплетираме мислата.
Како и со секое физичко движење, и ова е прашање на вежбање и координација. Механиката на процесирање текст изискува вештина поинаква од онаа која го подразбира процесирањето на значењето на истиот текст. Слично како со пливањето, на пример, тоа е вештина која може да ја развијат голем број луѓе, но нивниот капацитет за брзина и прецизност никогаш не можат да бидат еднакви.
Сепак, има начин за подобрување и на овие два елемента. На следниве две слики текстот во секој ред е во различна боја. Како што објаснува Метју Шнепс, директор на Лабораторијата за визуелно учење од Центарот за астрофизика на Харвард-Смитсонијан, користењето различни нијанси на бои истовремено ги минимизираат шансите за прескокнување редови и овозможуваат ефикасно преминување од збор на збор.
Иако оваа идеја не е нова, таа генерално се игнорира кога се во прашање медиумските технологии, кои и покрај сите можности кои стојат на располагање се уште го рекреираат текстот на истиот начин како во книги (или печатени весници и списанија), наместо да се обидат да го оптимизираат читачкото искуство.
Форматот - црн текст на бела позадина со редови од по 12-15 зборови - е остаток од начинот на којшто биле печатени на раните печатарски машини. Тоа е само традаиција, а не резултат на некаква вродена тенденција на човечкиот мозок да процесира информации на овој начин.
Во меѓувреме луѓето кои не се нешто посебно вешти во читањето текст со ваков, традиционален формат, се систематски казнувани, навредувани дека не се баш бистри, или се дијагностицирани со дислексија или синдром на нарушено внимание. Но нашите умови не се исти - некој чита побрзо кога редовите се пократки, или ако фонтот е болдиран или доколку тој е во различни бои.
Градацијата на бои на сликите е развиена од лингвистот Ник Лам, кој ја добил идејата од таканаречениот Струп ефект, кога името на некоја боја е отпечатена во сосема друга боја (на пример кога „зелено" е отпечатено црвено). Така бил создаден BeeLine, производ кој овозможува означување со различни бои на зборови и редови на начин кој го оптимизира читањето. Откако на сајтот Хакер Њус се појавила информаација дека постои ваква веб-екстензија, производителите добиле огромен број пораки од луѓе дијагностицирани со дислексија и друг вид нарушувања на способноста за читање, кои велеле дека програмата им помага. Истовремено боите се згодни и за одржување на вниманието, што е сè поголем проблем особено кога се чита онлајн. Како што почнува да се менува дефиницијата за тоа што точно значи да се „чита" (а не само да се прелетува преку текст), така се отвараат можности дигиталното читање да стане многу подобро (поефикасно, поконцентрирано) од читањето на хартија.
Извор: Атлантик