На 13 септември 1777, прускиот цар Фридрих Велики издал декрет. Тој не се однесувал на некакви нови даноци ниту пак на прогласување примирје со непријателот. Темата била - предностите на пиењето пиво.
„Сите пијат кафе. Ова мора да биде спречено. Моите луѓе мора да пијат пиво!“. Под „моите луѓе“ мислел на сите граѓани, но особено на воените трупи. Причина за загриженост било и тоа што прекумерниот увоз можел да ја уништи економијата. Бидејќи кафето било купувано од преку границата, кралот често изјавувал дека „годишно 700.000 талири ја напуштаат земјата само за кафе“ - пари за кои верувал дека можат да се искористат за домашни потреби.
„Одвратно е да се сведочи зголемената употреба на кафето од страна на моите субјекти. Неговото Височество е растен на пиво, а така беа одгледувани и неговите предци и офицери. Голем број битки се биени и добиени од војници кои пијат пиво, и Кралот не верува дека таквите што пијат кафе можат да ги издржат сите маки што ги подразбира војувањето“.
По ваквата заложба, пивото навистина за кратко време си го повратило почесното место, а кафето продолжило да биде луксуз кој можеле да си го дозволат само богатите. Но навика си е навика, а неа не ја сузбива дури ни кралска наредба.
Истовремено, се појавило незадоволство бидејќи кралот правел исклучоци во случаите на благородништвото, свештенството и владините функционери, но ги отфрлал сите побарувања за издавање лиценци за печење кафе од „обични“ луѓе. Дури ни оваа привилегија не била дадена туку-така - кремот на пруското општество можело да си пече кафе, но истото можело да го купи само од владата. Забраната ја зголемило побарувачката, што пак влијаело и на енормното зголемување на неговата цена. Така, богатите кафепијачи ја полнеле државната каса, а оние сиромашните биле приморани да пијат „кафе“ од цикорија, жито, јачмен или сушени смокви.
Кафето во тоа време речиси го снемало од Хамбург, но Лајпциг пак бил познат како „мал Париз“, во кој кафето било едно од нештата во кои можело да се ужива во бројните градини и кафеџилници. Во Берлин биле отворени и тн. Kaffeekrazchen, места за собирање главно на жените. Кратко време по смртта на кралот во 1786, ограничувањата за производството и пиење на кафе биле укинати.