Во 1912, Пинсент се запишал на Кембриџ да студира математика. За време на неделните седенки кои ги организирал Бертранд Расел, тој се сретнал со Витгенштајн, тогаш „пулен“ на Расел. Бргу станале пријатели, постојано пиеле чај, оделе на концерти, на вечери и на јавање коњи.
По еден месец од средбата, Витгенштајн му предложил да одат заедно на одмор на Исланд. Пинсент бил од посиромашно семејство, и се секирал околу трошокот, но Витгенштајн чие виенско семејство било пребогато, му рекол дека татко му ќе плати за сè. Подоцна Пинсент се сеќавал на ова нивно патување како „најпрекрасното искуство кое некогаш сум го имал“.
Во септември 1913 повторно отишле заедно, овој пат во Норвешка. Толку им се бендисало што кога се вратиле во Британија Витгенштајн почнал да размислува да се врати таму и на раат да работи на своите филозофски идеи. Изградил куќа покрај фјорд и продолжил да се допишува со Пинсент, кој во меѓувреме дипломирал математика како еден од најдобрите студенти во генерацијата, и потоа запишал право.
Иако планирале да се сретнат во август 1914, планот бил нарушен од почетокот на Првата светска војна. Писент бил прогласен за неспособен за активно војување, но бил обучен како тест-пилот, кој требало да ги лета авионите-прототипи на Кралското воздухопловство, покрај куп други познати математичари и научници, кои исто така биле регрутирани.
Во текот на војната Витгенштајн ги пишувал своите тетратки, кои подоцна ќе ја формираат основата за неговото најпознато дело, „Логичко-филозофскиот трактат“. Истовремено, пишувал и дневник, во кој споменува колку му недостасува Пинсент. Во март 1915, на пример, напишал: „Вчера добив прекрасно писмо од Дејвид. Му одговорив. Многу сензуално“.
На 8 мај 1918, Пинсент бил копилот во бомбардер двосед, тестирајќи како авионот реагира на притисок. Иако и тој и неговиот колега биле искусни пилоти, и претходно летале на иста таква машина, овој пат летот завршил трагично - одеднаш авионот почнал да понира и веднаш се распаднал.
И покрај деталната потрага, телото на Пинсент било пронајдено дури на 14 мај, во каналот Базингстоук. Витгенштајн во тој момент бил на одмор во Виена, а лошата вест ја добил од мајката на Пинсент, Елен. „Сакам да ви кажам колку ве сакаше, и колку го ценеше вашето пријателство. Го видов еден ден пред смртта и зборувавме за вас. Тој секогаш ве спомнуваше со голема приврзаност...Се надеваше дека ќе се видите веднаш по завршувањето на војната“, пишува таа.
Витгенштајн по овој настан толку се депримирал што планирал да се убие некаде во австриските планини. Но на железничката станица близу Салцбург налетал на вујко му Пол, кој видел дека неговиот внук е во тешка состојба и некако го извлекол од неа. Во 1921, кога бил објавен „Тракатот“, тој бил посветен на споменот на Пинсент.
Извор: The Conversation
Претходно: Букбокс читанка за „Машата на Витгенштајн: приказна за десетминутна расправија помеѓу двајца големи филозофи“