Сте чуле ли за „обратен“ речник на македонскиот јазик?

Пред некој ден читател ни донираше две кутии полни книги, со кои го подновивме катчето за размена во „Пепер“. Меѓу нив најдовме и една со неугледна корица, на која пишува „Обратен речник на македонскиот јазик“. Обратен?

Сме ги среќавале под името „Речници на рими“ во различни јазици, во кои согласно завршетокот на зборот се нудат такви кои завршуваат идентично или слично со него (на пример, според Оксфордскиот речник на рими, masculinity и vanity). Но ни на крај памет не ни беше дека ваков речник, само под поинакво име, постои и кај нас.

Издаден 1967 од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, како негов составувач е наведен Владимир Миличиќ. Во предговорот тој наведува дека (тогаш) современото лингвистичко истражување подразбирало потреба од вакви „индекси а tergo“ или обратни речници, но не само на класичните и мртви јазици туку и на модерните. Освен тоа, една од целите на Обратниот речник на македонскиот јазик бил тој да биде индекс на тритомниот Речник (значи само список, без толкувања), кој го издал истиот Институт неколку години претходно, во 1961.

Она што е поинтересно од самата содржина е методот на работа. Да повториме, се работи за 60-тите години од минатиот век, кога компјутерската наука на глобално ниво е во зачеток, а од таму и обидите за спој на софтверската обработка на податоци со лингвистиката.

Еве што пишува Миличиќ во спомнатиот предговор (пренесено како што е напишано):

„Материјалот е обрнат во Компјуторскиот центар на Западниот вашингтонски државен колеџ, Белингхам, Вашингтон. Употребен е компјуторот IBM 1620. Зборовите прво се исперфорирани на картончиња...По влегувањето во компјуторот, секоја колона автоматски беше преправена во двоцифрен код, така што се добија четири колони за секоја буква...Во последното отпечатување крајната цифра беше употребена во согласност со Стандардниот алфамерски код (Standard Alphameric Code) на дадената машина.“

И сега доаѓа клучното:

„Сакам да им ја изразам својата благодарност на сите што ми помогнаа во составувањето на Обратниот речник, а особено на жена ми Милена, којашто ги отчука СИТЕ картончиња (повеќе од 60.000), и на Бент Фабер, програмер на проектот. Со задоволство го споменувам својот долг кон професорот Блаже Конески поради неговиот интерес за проектот“.

Заклучокот е истовремено тажен и оптимистички. Затоа што во таа далечна 1967 само ЕДЕН човек успеал да ја разбере важноста на софтверската обработка на јазик, наишол на (веројатно повеќе морална) поддршка од страна на тогаш клучниот македонист, и со помош на уште само двајца луѓе (од кои едниот странец, а другиот жена му), успеал да состави нешто што на тазе кодифицираниот македонски јазик му обезбедило место рамо до рамо со други јазици, со многу подолга научна традиција.

За да биде уште повпечатливо, на крајот на речникот има и поглавје „Преглед на фреквенцијата на еднобуквените, двобуквените и трибуквените завршоци на зборовите“, анализа изработена од Кирил Конески и Александар Џукески, во која процентуално е наведено учеството на секој од овие завршетоци во однос на вкупниот број зборови во Обратниот речник (64.578). На пример дека на -а завршуваат 31% од вкупниот број зборови во македонскиот, а на -џ 0.0015%.

Нумеричките анализи на различни јазични корпуси денес се прават со напредна технологија, од лингвисти со познавање на истата, или на такви кои соработуваат со колеги-програмери, исто како што тоа го направил Миличиќ. Додуша таков актуелен проект на Институтот за македонски или која и да е друга институција поврзана со проучување на македонскиот јазик во земјава не ни е познат. Но тука доаѓа делот со оптимизмот - дека некој поединец во моментов работи на нешто такво, помогнат од негов пријател, жена или сопруг, чии резултати ќе ги открие некој по децении, во кутија со подарени книги.

Бонус - дадаистичкото чувство да го читаш „Обратниот речник“ по редови

анализирање     аклиматизирање    парцелирање     умирање

А како по колони:

телефонистка
саксофонистка
комунистка
опортунистка
кариеристка
терористка
трактористка
авантуристка

****

апатија
телепатија
антипатија
симпатија
опатија
психопатија

Дигитална верзија на ваков речник (неидентичен со споменатиот, со помал фонд зборови) тука

Сајт за рими, rimuvaj.mk

14 октомври 2017 - 11:15