„Беше строга, често сурова. Мразеше глупост и просечност, одење во место. Кога минуваше по Његошева, каде живееше, им приоѓаше на масите во некои од хипстерските кафичи и велеше: 'А, свила носите, се има, се може? Колку е саат, да не е работно време? Се пие кафе, се пушат добри цигари?'. Нејзиното бунтовништво се прераскажуваше и инспирираше“, вели режисерката на филмот, Драгана Кањевац, образложувајќи ги своите мотиви за снимањето на филмот.
Од драмската секција на Радио Белград, преку студиите на ФДУ, Соња беше предводник на генерација која донесе промени во пристапот кон актерството во Србија. Ја интересираше бришењето на разликата помеѓу уметноста и животот, и идејата за актерот како филозоф и акробат. Ја освои на 'ура' кинематографијата на тогашна СФРЈ, и снимаше филмови кои и денес се паметат и цитираат - „Шеќерна водичка", „Уна", „Ние не сме ангели" влегоа во српската, но и во регионалната усна книжевност.
Во документарецот за својата колешка и пријателка зборуваат Зоран Крстиќ Цане, Душан Ковачевиќ, Станко Црнобрња и многу други. Раде Шербеџија во него признава дека за филмската глума почнал да учи од неа, и го користи терминот „метод на Соња Савиќ", она кога глумиш не дека си некој друг, туку кога си свој.
Кога граѓанската војна ја запре нејзината генерација, Соња јавно ги осуди водачите и целата војна, и се посвети на правење авторски филмови, како „Шарло те гледа" и „Супернаут", на кои доаѓаа и млади луѓе кои не ја знаеа од нејзините млади години. И покрај повремените режисерски и актерски ангажмани, последните години од животот таа ги мина во изолација и огорченост, завршувајќи го на 47 години, наводно од предозираност.
„Не сакав да трагам по чувството на грижа на совест, и тоа никој не го чувствува кај моите соговорници. Но во филмот провејува можната одговорност на општеството за нејзината судбина. Некои соговрници спомнуваат дека се би било поинаку да живеела во средена земја. Дека, ако нашето општество знае да ги негува своите најголеми вредности и најдобри луѓе, неговите перспективи би биле подобри", вели режисерката на филмот, чиј трејлер ви го претставуваме тука.