Замислете да влезете во продавница за чевли, да пробате нов пар и потоа да ги ставите нозете во рендгенски апарат за да проверите дали ви се точни. Токму тоа било вообичаена практика во илјадници продавници низ светот во средината на минатиот век. Апаратот се нарекувал флуороскоп за пробување чевли, а бил особено популарен при купувањето детски обувки.
Уредот изгледал како дрвен орман висок околу 1,2 метри. Купувачот ги ставал нозете во отвор на долниот дел, а низ прозорче на врвот можел да ги види коските на стапалата, прстите и контурите на чевлите, па дури и нивните рабови и шевови. Имало уште две прозорчиња, за родителот и продавачот, кои можеле да набљудуваат колку простор останува за прстите. За децата ова било вистинска атракција: можеле да го гледаат сопствениот скелет додека ги мрдаат прстите.
Потеклото на апаратот не е јасно, но најверојатно неговиот изумител бил Џејкоб Лоу, кој уште во 1920 година демонстрирал модифициран медицински рендгенски уред на собир на трговци со обувки во Бостон. Наскоро започнало комерцијално производство, а апаратите се прошириле низ САД, Канада, Велика Британија, Австралија, Јужна Африка и делови од Европа. Во Британија биле познати како Педоскоп.
Но зад оваа технолошка новина се криел сериозен здравствен ризик. Иако опасностите од рендгенското зрачење биле познати уште од крајот на 19 век, долгорочните последици од повторената изложеност сè уште не биле доволно истражени. Првите научни испитувања на овие апарати, во 1948 година, покажале не само дека можат да бидат опасни, туку и дека всушност не се особено корисни за одредување на точниот број чевли.
Просечното американско испитување траело околу 20 секунди, но дозата на зрачење значително варирала од апарат до апарат. Некои испуштале и повеќекратно поголеми дози од просечните. Особено загрижувачко било што децата, кои биле меѓу најчестите корисници, се почувствителни на зрачење од возрасните. Дополнителен проблем биле продавачите, кои секојдневно биле изложени на зрачење што истекувало од машините. Забележани се и неколку случаи на сериозни здравствени последици кај вработени во продавници, вклучително и радијациски изгореници и рак на кожата, иако за сите случаи не можела со сигурност да се докаже причинската врска.
Индустријата за обувки првично ги отфрлала предупредувањата, тврдејќи дека апаратите спречуваат оштетувања на стапалата предизвикани од несоодветни чевли. Но со растечките сознанија за радијацијата започнале и ограничувањата. Во 1953 година американското медицинско списание Педијатрикс објавило категорична препорака овие машини да не се користат кај деца. Во 1957 година Пенсилванија станала првата американска сојузна држава што ја забранила нивната употреба, а до 1970 година тоа го направиле 33 држави. Во Велика Британија од 1958 година биле задолжителни предупредувања за ризиците, додека во Западна Германија последните апарати биле забранети во 1973 година. Во некои земји опстанале уште подолго.
Денес овие необични машини главно можат да се видат во музеи, но останале и во книжевноста и популарната култура. Стивен Кинг ги споменува во романот „Ит“, каде што малиот Еди е фасциниран од апаратот, додека мајка му стравува дека може да предизвика рак. Се појавуваат и кај Дон Делило и Томас Пинчон. Во 1999 година списанието Тајм ги вклучило рендгенските апарати за пробување чевли во својот избор на 100 најлоши идеи на 20 век.