„Заспани убавици“: Дејвид Брн има нова книга

Во неговата најнова книга фронтменот на Токинг хедс истражува зошто некои идеи со децении остануваат незабележани, за подоцна да го променат светот. Од сликите на Вермер и музиката на Бах до темната материја и римскиот бетон, историјата покажува дека добрите идеи не секогаш доаѓаат во вистинскиот момент.

Во новата книга „Заспани убавици: зошто добрите идеи задремуваат и како повторно се будат“ Дејвид Брн се занимава со прашање кое е многу повеќе од музичко: зошто некои идеи долго време не привлекуваат внимание, а потоа одеднаш стануваат пресвртни?

Инспирацијата ја пронашол во научниот термин „заспани убавици“, кој се користи за откритија што долго остануваат незабележани, пред некој подоцна да ја препознае нивната вредност. Еден од примерите е астрономката Вера Рубин, која во 1970-тите пронашла докази за постоењето на темната материја – материја што не емитува светлина, но чие присуство може да се заклучи од гравитациските ефекти. Овие набљудувања ги довеле во прашање дотогашните претпоставки за универзумот, но нивното значење станало пошироко прифатено дури подоцна, со развојот на технологијата и новите астрономски истражувања.

Слична приказна е и онаа за римскиот бетон, познат по својата извонредна издржливост. Иако старите Римјани го користеле пред два милениума, научниците дури неодамна почнаа подобро да ги разбираат хемиските процеси што му овозможувале да опстои толку долго. Идејата не била нова – ново било разбирањето на нејзината вредност.

Но Брн не се ограничува на науката. Во книгата зборува и за тоа како музиката на Бах повторно била откриена по долг период на релативна заборавеност, како сликите на Вермер добиле признание дури со векови по нивното создавање, но и како технолошките промени повторно ги оживеале теориите за движењето на континентите и црните јами. 

За Брн, ваквото заборавање и повторно откривање не е карактеристично само за науката и академскиот свет. Истото се случува во музиката, уметноста, литературата и сите креативни области. Нешто може да биде игнорирано затоа што времето сè уште не е подготвено за него, бидејќи недостига технологија за да се разбере или едноставно затоа што луѓето не знаат како да го препознаат неговото значење.

извор
Дејвид Брн на Букбокс

9 октомври 2026 - 11:24