Со „Горчлив Божик“ Алмодовар си поигрува со една од стандардните маки на уметниците: од каде доаѓа инспирацијата и што се случува кога творецот ќе остане без неа? Резултатот е мета-филм со најмалку две нивоа - она на авторот-сценарист и она што се случува во неговиот реален живот и она на сценариото што го пишува, во кое се прекршуваат настаните и ликовите од првото ниво. Чувството е дека самиот Алмодовар иронизира (се самооправдува?) во однос на третирањето на сопствените ликови, за кои претпоставуваме дека се кондензати на луѓе од неговото непосредно опкружување.
Елса, режисерка која извесно време работи телевизиски реклами, се обидува повторно да почне да пишува сценарио. Ја мачат силни мигрени, а нејзините филмски амбиции одамна се „закопани“. Има привлечен партнер, Бонифасио, кој преку ден е пожарникар, а навечер стрипер на девојачки забави (тука гласно прочистување на грлото при потсетување на ваквите сцени). Освен што е физички речиси совршен, тој е и внимателен, чувствителен и бескрајно трпелив со Елса, која е премногу преокупирана со себе. Сето тоа изгледа толку неверојатно што почнуваме да се сомневаме дали всушност гледаме реклама (на пример за апчиња против мигрена или за долна облека - можеби и за двете).
И навистина, набргу сфаќаме дека Елса и Бонифасио се всушност ликови во сценарио што го пишува успешниот режисер Раул — алтер его на Алмодовар. Раул исто така има привлечен партнер, Санти, кој главно останува во позадина, додека режисерот многу повеќе внимание посветува на својата асистентка Моника. По долгогодишна работа, таа решава да замине за да помогне на пријателка чијшто син е тешко болен. Наместо да ја почитува нејзината доверба, Раул ја присвојува крајно интимната приказна на двете жени и ја претвора во материјал за своето сценарио. Во него се појавува Наталија, поранешна манекенка и стара пријателка на Елса, која западнала во длабока депресија по смртта на своето дете. Елса се обидува да ѝ помогне со патување на прекрасен остров, иако ни овие убавини не успеваат да го поправат нејзиниот однос.
На вулканските плажи со црн песок, филмот постепено станува речиси апстрактен. Препознатливите, интензивни бои на Алмодовар изгледаат уште повпечатливо во овој необичен пејзаж, а разговорите меѓу ликовите делуваат неприродно, со реплики кои како да се излезени од евтина лимонада. Oва веруваме е направено намерно, за тие да делуваат дводимензионално, бескрвно, како конструкти кои се резултат на „вампирската“ постапка на нивниот Создател. Во караница на нивото на реално помеѓу авторот Раул и неговата асистентка во која таа го нарекува токму така - цицач на крв - тој се вади дека постапката била легитимна и се нарекувала „автофиктивна“. „Автофикција е срање“, му одговара Моника, што индиректно и парадоксално сугерира дека и целиот филм кој дотогаш го гледавме е таков.
„Горчлив Божик“ остава впечаток на етида или филмуван есеј во кој сценаристот и режисер ја објаснува својата режисерска постапка, режирајќи филм за режирањето. Некои ова на времето го викаа „постмодерна“. Денес би рекле - добра финта.
Илина, Букбокс