Се надевав дека овој ден, барем за време на мојата професионална кариера, нема да дојде и дека нема да морам да пишувам во спомен на нашиот најхаризматичен фронтмен, голем поет, симбол и икона на нашата рок музика, мојот пријател Горан Баре. Исто така, верував дека тој ден, кога ќе дојде, ќе дојде многу подоцна, кога Баре, како и неговиот покоен дедо, ќе биде во своите 90-ти години. И се зезав дека целиот свет ќе отиде бестрага и само Кит Ричардс и Горан Баре ќе ја наследат Земјата, бидејќи само тие двајца се неуништливи и бесмртни.
Затоа, дури и во овие моменти, не можам да верувам дека Горан Баре заминал и се вивнал на небесата; таму каде што „Mora da je super gore/Kad se prozori raja otvore“, како што пееше во „Тешке боје“, еден од најголемите хитови на Мајке и една од највеличествените песни создадени на овие простори. Сепак, веста во која одбивав да верувам, на моја огромна жал е покажа како вистина. Неколку недели откако беше принуден да го прекине настапот со Мајке во Макарска поради здравствени проблеми, засекогаш нè напушти еден од нашите најголеми рок-поети, харизматичниот рокер без чии песни, албуми и концерти, рокот во Хрватска и пошироко во последните четириесет години, колку што траеше неговата кариера, ќе беше незамислив.
Толку многу статии имам напишано за Баре и Мајке што ми е тешко да напишам нешто различно и нешто ново. Ќе ми дозволите, бидејќи професионално и мојот живот беше тесно поврзан со Баре со години, да сум потресен и мојот мозок да не работи најдобро во овие моменти. Да бидам искрен, никогаш не сум пишувал во спомен на некој што ми бил толку близок и кого го познавав толку долго и добро. Патував со Баре и Мајке, бев менаџер и дискограф на таа група некое време, но и голем обожавател кој и приватно како слушател на рок музика и професионално како музички критичар им се восхитува одново и одново на нивните дострели, и на албумите и на концертите.

Почнав да се дружам со Баре кон крајот на 80-тите, кога почна почесто и подолго да биде во Загреб а за тоа можам да му се заблагодарам и на Зденко Фрањиќ бидејќи тој навратуваше кај него. Во сабота слушавме плочи кај Зденко, кој во 1988 година ја издаде првата касета на Мајке за неговата издавачка куќа Слушај. Не долго потоа, ќе го издадам албумот на Мајке „Разум и безумље“ (1990), а потоа и „Раздор“ (1993) за мојата издавачка куќа Search & Enjoy, но ги слушнав Мајке за прв пат, ако не се лажам, летото 1985 година на демо снимки од касетите на пријатели од Винковци што ги запознав на Хвар.
Веќе бев фасциниран од звукот на Мајке, особено околу издавањето на првата касета, сетиран на исклучително важни рок бендови како MC5, The Stooges, Flamin' Groovies и слични. Од тој период, по еден од концертите на Мајке пред издавањето на албумот „Разум и безумље“, ѝ кажав на мојата пријателка и колешка Анта Чикара дека таа вечер имало стотици, ако не и илјадници концерти низ целиот свет, но дека ние сме на најдобриот.
Моќта и магијата на рокенролот кои Мајке ги пружаа на сцената, предводени од фронтменот Горан Баре беше неверојатна. Едноставно, кога луѓето го гледаа и го слушаа - од почетокот до крајот на неговата кариера - веруваа дека тој е олицетворение на рокенролот, онака како што луѓето им веруваа на Иги Поп, Џим Морисон, Мик Џегер или Ник Кејв.
Поглед на орел, црна коса како гавран, со или без брада, коска слаб, обично во каубојки, фармерки, маичка без ракави, кожна јакна и долг црн шал. Без никаква конкуренција, кога стои на сцената, како силуета на кантри вагабонд од некоја композиција на Вејлон Џенингс, тој е нашиот најхаризматичен фронтмен чии песни се саундтрак на многу генерации. Малкумина се оние кои го врежале црнилото на својата „дива душа“ во белината на хартијата како што тоа го направи Баре. Песните што ги сними со Мајке се суштината на вистинскиот рокенрол.
Од друга страна, неговата наркоманска приказна, никогаш скриена од медиумите и јавноста, е едно од најболните и најгадни сведоштва за тоа колку е лесно да се стане зависен од хероин и колку е тешко да се излезе од канџите на змејот кого Баре, како 19 годишник од Винковци, се обиде да го јава во раните 80-ти.
Еднаш напишав дека некој треба да направи филм за Горан Баре. Да беше роден во американска провинција, наместо на Балканот, во Холивуд сигурно ќе се грабаа за сценарио за таква животна приказна - вистинска, величествена, страшна, поучна, неверојатна, тешка и сето тоа истовремено. Приказна во која тој и неговите пријатели, од кои некои веќе заминаа на оној свет, создадоа фантастичен рок бенд каков што беа Мајке. Приказна во која неговата поранешна сопруга, Мирјана, со која го доби синот, Миран, почина во пеколот на дрогата. Приказната во која тој се издигна од бунтовен рокер од Винковци до статус на грандиозен уметник и голема ѕвезда со чии песни, уште откако Драго Млинарец со Група 220 кон крајот на 60-тите години го издадоа првиот истоимен рок албум на овие простори, малкумина можеа да се споредат.
Најважното нешто што сакам да го кажам е дека Горан Баре ќе ми недостига ужасно. Како поет, како фронтмен, како пејач, како рок икона, како пријател. Имавме подеми и падови во нашите приватни и професионални односи, но никогаш не се разделивме и секогаш бевме среќни што се среќаваме, се гушкавме и си признававме едни на други некои работи што ни беа важни и професионално и лично. Една од нашите последни средби кога направивме убав муабет, а на која присуствуваа и членови на групата Мајке, се одржа на фестивалот Брундање во близина на моето Гајнице. Раскажувавме за заеднички настани, додека членовите на Мајке кои не ги доживеале, бидејќи се случиле кога други музичари свиреле во бендот, паѓаа од столчиња од смеење. Бев толку среќен што Баре беше толку одлично расположен после еден концерт кој беше брилијантен.
Секако, сведочев на различни концерти и расположенија на Горан Баре, еден од нив беше оној во Љубљана од почетокот на 90-тите, по што завршивме на Ургентен. Сето тоа го имате на интернет или во книги, побарајте, слушнете и научите што е рокенрол и што се грандиозни и вистински рок песни, во чии текстови авторот буквално крвари, ја разголува својата душа, го нуди своето распарано срце и бара прошка за своите гревови.
Како што еднаш напишав: „Го касна ѓаволот за јајца додека смртта му го галеше лицето и за малку ќе искрвареше како слабо куче, но во него никогаш не престана да гори фантастичниот оган на харизматичен поет и фронтмен решен со сета сила секоја ноќ и секој ден да го живее единственото нешто што го знае - рокенролот!“
Драг мој Баре, го напушти овој проклет свет и проколнато место, но поради твојата уметност никогаш нема да умреш и да заминеш. Не пееше ти за џабе:
"Visoko, visoko/Iznad tebe i mene/Postoji nada/Prema nama/Želi da krene/I ti i ja osjećamo tugu/Od naših suza/Pravimo dugu/Držimo u ruci/Dio pakla, dio raja/Ne želimo vječnost/Želimo do kraja/Budi ponosan"!
********
Види и:
Отиде легендата