Во мај 1940, соочени со наездата на Германците, 400.000 војници чекале да бидат евакуирани на брегот на северна Франција, близу гратчето Данкирк. Од нив 200.000 Британци, 130.000 Французи и 10.000 Белгијци успеале да се извлечат. Но за 60.000 војници ова место станало последен дом.
Откако филмот на Кристофер Нолан посветен на овој историски настан стана летен хит, почнаа да фрчат и пофалби (главно за дизајнот, музиката и камерата) и критики (главно за приказната). Колумнист на Вашингтон пост жалеше за необичното отсуство на Германци во сторија која се однесува токму на бегство од нив, како и на каква и да е назнака за монструозноста на нацистичкиот режим. Британска новинарка беше ужасната од нарацијата на херојското повлекување кое е засновано на „речиси бесконечен резервоар на британска национална гордост“, во момент кога британските политичари маршираат кон потенцијално катастрофален развод со Европа. Трети (како што пишувавме тука) протестираа што во филмот нема етнички малцинства и жени. Индијските медиуми отидоа чекор понатаму, нарекувајќи ја оваа филмска верзија „белење“ на историската вистина за Втората светска војна.
Она на што тие алудираат е фактот дека во моментот за кој станува збор на бреговите на Данкирк имало најмалку четири чети на кралската индијска војска (Royal Indian Service Corps). Тие ѝ се придружиле на глобалната војна на страната на империјата, војна која немала голема врска со слободите и аспрациите на оние во нивната матична земја. Една од нив морала да им се предаде на Германците, а останатите три биле меѓу последните евакуирани. Британски офицер бил даден на воен суд затоа што се обидел да им обезбеди безбедно минување, пружајќи им отпор на неговите претпоставени кои сметале дека таквата мака не се исплати.
Во Втората светска војна се бореле 2.5 милиони војници од индискиот потконтинент, од кои 87.000 погинале. Нивниот придонес е маргинализиран или тотално избришан од британската историја, која се држи до митот за храбриот мал остров кој самиот ѝ пружа отпор на моќната нацистичка Германија. Филмот на Нолан е само последен во низата вакви обиди.
(апдејт: реакција на читател со следниов линк, кој подетално ја објаснува причината зошто ваквиот придонес бил - ако бил - маргинализиран: затоа што впрочем и бил незначаен)
Но ваквата „миопија“ не се однесува само на не-Европејците. Во самиот Данкирк, каде филмот го виделе 15.000 луѓе, мештаните имаат замерки и за отсуството на француската страна од приказната. Според нив, токму храброста на француските трупи во операцијата „Динамо“ им овозможило на Британците да се спасат во толкав голем број. На пример, ретко спомнуван детал е дека околу 40.000 луѓе во Првата француска армија го одолговлеке напредувањето на германските трупи кон Данкирк од Лил, 80 километри на југ, каде исцрпени по долготрајното војување, без храна и муниција, на крај морале да се предадат.
И што да се каже на крај, освен дека кога ќе излезете од салата не можете да престанете да мислите на сиротиот Француз кој едвај прозборе за време на целиот филм (ете, и името му го заборавивме), за на крај сценаристички да го удават. И, како контрапункт, на Кенет Брана, кој глуми висок офицер одговорен за операцијата Динамо на терен,а кој во една од последните сцени трогателно изјавува: „Одете вие, јас ќе останам да им помогнам на Французите“.
Ги замислуваме како му благодарат низ кино-салите во Франција.