Преку застапеност, погача

Новиот филм на Кристофер Нолан за битката кај Данкерк според УСА тудеј кинематографски е сосема во ред, ама човечки е крајно некоретен. Во филмот за една од најголемите битки на британската армија во Втората светска војна да ти немало жени и глумци што не се белци.

Самопрогласениот "гик" и критичар на УСА тудеј, Брајан Труит, им дава предупредување на сите потенцијални гледачи на филмот да не се вознемируваат што во филмот има само неколку жени и ниту еден од главните ликови (повторно, во филм за британската армија во Втората светска војна) не е црнец, Арап, Хиндус или човек со сличен тен на кожата.

Филмот не само што е за Втората светска војна, туку се базира и на вистински настани, што може да се дознае уште од трејлерот, без да треба цел да се изгледа.

"Вистинското прашање е колку треба да немаш поим од историја, и тоа околу најголемиот настан на 20-от век, за да ти биде неверојатно што Весли Снајпс не е главниот јунак, или тоа што Сандра Булок не вози тенк што ќе експлодира ако симне под 50 милји на час.

Да се жалиш за недостаток на жени или малцински актери во филм како Данкерк е исто како да се жалиш што во Директно од Комптон немаше музика од Синатра, да се чудиш зошто ракот не добива подеднаков тајминг во Филаделфија или да го напаѓаш Холивуд за недостатокот на реалистични секс сцени во трилогијата Приказна за играчките.

И ние не можеме за ова да го обвиниме само Труит, кој веројатно е жртва на јавното образование. Прашањето е како ова негово предупредување успеа да мине кај уредниците на УСА тудеј? Дали и тие се со половина мозок или некој лично толку многу не го поднесува Труит што престанеле да го штитат од самиот себе?

Жал ми е ако следново е непријатно за вашата меккартиевска желба за вршење притисок врз филмаџиите да веруваат и размислуваат на одреден начин, но до сега утврдената наука ни го кажува следното: На Данкерк се заробени млади, бели мажи. Спасувањето на овие млади, бели мажи е извршено од други бели мажи. Обидот да ги убијат овие млади, бели мажи е извршен од други бели мажи," објаснува Џон Нолте во текстот за Дејливајр.

*****
Трејлерот за филмот го имате во купот со трејлерите кај нас на сајт.

21 јули 2017 - 17:18