Научници, студенти и лабораториски техничари често знаат да развијат алергии на организмите коишто ги проучуваат. Иронично, но како што велат алерголозите, токму страста на истражувачите за нивните субјекти - блиската опсервација, долгите работни часови и годините минати на одреден проект, ги прави високо подложни на алергии.
Џон Карлсон, лекар и истражувач на Универзитетот Тулан кој специјализира алергии на инсекти и грини, вели дека шансата да се развие алергија на нешто што се проучува е 30%. Ова е на иста линија со истражувањата на професионалните алергии, кои сугерираат дека тие се појавуваат кај околу 44% од луѓето кои работат со лабораториски стаорци, кај 40% од ветеринарите и кај 25-60% од луѓето кои работат со инсекти.
Голем број истражувачи, особено оние кои работат на терен, се навикнати да им биде непријатно, за повисока цел. Така, алергиите главно не ги спречуваат да продолжат да се занимаваат со својата работа. Повеќето од алергиите се познати и истражени, но има и такви кои се прилично специфични, како алергија на пијавици од која страда истражувачка од Универзитетот во Торонто, Даниел де Карл. За да ги проучи таа мора да ги фати, а тоа го прави користејќи го сопственото тело. Притоа, влегувала во мочуришта, а ако пијавиците се гладни знае да им се понуди како храна и во лабораторијата.
Но по година и пол од почетокот на истражувањето почнала да добива симптоми - да отекува и да се чеша. Сега наместо самата да ги храни им дава прасечка крв од месара.
Нејзина колешка од Станфорд, Ниа Вокер, развила алергија на корали додека ги проучувала на Палау, во јужниот Пацифик. Симптомите се појавиле најпрвин како чешање по рацете, но по некое време целото лице ѝ отекло. Сега работи со заштитна опрема и е постојано на антихистамини. Други истражувачи развиваат алергии на банани (кои стојат во лабораториите како храна на мушички кои ги истражуваат), а алергиите им остануваат уште долго по завршувањето на проектот, како „сувенир“ од докторските тези или пишувањето научни статии.