Кога настапила епидемијата на Големата чума во 1665, Дефо бил сè уште дете. Книгата ја напишал како возрасен, врз основа на лични сеќавања, истражувања, имагинација и усни преданија раскажани од неговиот вујко кој живеел во Лондон во текот на спомнатиот период. Денес таа се смета за класика, но и за ран пример на тн. faction (факт+фикција).
Книгата покажува колку би било различно нашето искуство со Ковид-19 пред интернет, и во време кога дури ни весниците не биле достапни секому. Па сепак, начинот на кој Дефо ја опишува тогашната криза, потсетува на тн. „ново новинарство“ од 1970-тите (за тоа види претходно тука), кое комбинираше неверојатно детални истражувања со живописноста на анегдотите, интервјуата и приказните „со човечки лик“, кои историјата главно ги игнорира.
Книгата на Дефо излегла во 1722, непосредно откако Марсеј и Франција поминале низ ужасна чума со 40,000 мртви. Ова можеби било и поттик за него, да потсети на лекциите научени шеесетина години порано. На пример за тоа дека на крајот на краиштата и не е важно од каде е донесена болеста, за која во случајот со лондонската чума и раскажувањето на Дефо, „некои велеле дека е дојдена од Италија, други од Крит, трети од Кипар. Но тоа воопшто не е важно“.
Дефо опишува како секоја куќа кадешто имало починат од чума била запечатувана, а на вратата бил цртан црвен крст. Во принцип на семејството не му било дозволено да ја напушта, туку тоа требало да живее во неа така, затворено. Сепак, имало примери каде насилно или со подмитување на властите роднините на починатиот успевале да избегаат.
Паралели со денешната ситуација можат да се направат по однос на повеќе прашања. Едно од нив е самоизолацијата дури и на здравите. „Кога сфати дека талкам по улиците, еден другар ме убеди да се заклучам и себеси и моето семејство, но тоа не беше целосно возможно“, пишува Дефо. Тој исто така ја предвидува нашата загриженост со асимптоматските случаи. „Еден човек, кој е веројатно инфициран но без сигурни знаци, може да патува во странство и да ја пренесе чумата на илјадници луѓе. Притоа ниту човекот што ја пренесува, ниту пак луѓето кои се инфицирани, знаат нешто за тоа“.
Продавачите од 17 век дури измислиле и облик на безконтактно плаќање - месарот, на пример, не ги допирал парите, туку ги ставал во бокал полн со оцет, а пак купувачите се грижеле да имаат точно пари за да не мора да им враќа кусур.
Дефо денес се смета повеќе за новинар отколку за романсиер, затоа што сето она што го опишува има документарна вредност. Никогаш не претерувал, бидејќи реалноста била доволно застрашувачка. Истовремено, тој ја сфаќал науката сериозно, и бил опседнат со набљудување и регистрирање на фактите. Токму затоа и три века подоцна неговото сведоштво се цитира и од епидемиолози и од историчари на културата.