Оригиналниот наслов на новата книга на оксфордскиот политиколог Тереза Беџан е Mere Civility, два од два термина кои не се баш лесни за дефинирање во контекст на нејзиното дело. Затоа што mere обично се користи како релативизирачки, минимизирачки термин - mere show (кога нешто е само или просто претстава, шоу), mere mortals (кога луѓето се опишани како само, простоедноставни, ништожни смртници). Но порана употреба на истиот термин се однесувала на нешто чисто, базично, од латинското merus, што означува нешто што е соголено, немешано (вино што не е шприцер), јасно. Значи не најмал заеднички содржател, не просек, туку концентрирана суштина, основата врз која нешто се потпира. Или паѓа.
Токму за таков квалитет на граѓанска пристојност зборува спомната книга на Бенџан, и тоа како контрапункт на „толеранцијата“ и конформизмот. Авторката ја покажува потребата од „непристојно несогласување“ во клучни моменти во историјата, кога казнувањето на нешто што било дефинирано како непристојно значело казнување воопшто, односно цензурирање на мислењето. Истото што впрочем се случува и денес.
Пристојноста е општествен договор кој служи како „лепило“ за врските во него и не дозволува ескалација на конфликти. Но кога постојат различни мислења, па макар и помеѓу само двајца, тоа по дефиниција создава непријатна и непристојна ситуација - ако едниот е во право, тогаш другиот автоматски не е, и тоа може да е така поради различни причини: или тој е неинформиран, или пристрасен, или глупав. Во една пристојна средина ништо од ова не е лесно ни да се соопшти, ни да се прифати. Ниту пак некогаш било, особено кога станува збор за основни, идентитетски прашања, како религија, нација и сл.
Улогата на пристојноста е всушност да прави нашите несогласувања да можат да се толерираат, да се живее со нив без луѓето наоколу да се испоубијат меѓусебно. Оттаму „непристојноста“ не е само недостаток на манири или пцуење мајка, туку нешто многу полошо, што ја уништува шансата за разбирачка. Притоа тоа не мора да подразбира агресија или исклучивост. Непристојно е и кога некој, само затоа што играта не му оди, си ја зема топката од теренот, и си заминува.
Сето ова авторката го објаснува во ова ТЕД видео, во кое секако најмногу зборува за лицемерното алармирање околу „кризата на пристојноста“ наспроти суштинската важност на овој концепт во американскиот јавен живот и политика. Што се однесува до македонските состојби, најпристојното што би го побарале од голем број играчи кои влегуваат во јавната арена е - простa, едноставнa, mere тишина.