Како што е познато, слушањето музика на Јутјуб следејќи ги неговите препораки се раководи од алгоритам, кој понекогаш ве трефнува во вкусот и расположението, некогаш ептен не. Но среде сите тие препораки понекогаш се појавува нешто (албум, песна, музичар) на кого инаку никогаш не би налетале, затоа што тие постојат на маргините на интернетот, бесплатни се за слушање, но главно потценети и непостоечки на онлајн сервисите за музика (како Дизер или Спотифај). Овие албуми можат да се дефинираат како широка ниша или жанр, под името YouTube-Core.
Станува збор главно за „меки“ инструментални амбиентални композиции, кои поради нешто најчесто се од - Јапонија. Тоа не се поединечни песни, туку цели албуми, а некои од најпопуларните примери се аплоудирани од анонимни корисници, не од оригиналните уметници, често децении по нивните оригинални објавувања. Ниту еден од нив не доживеал особен комерцијален успех во времето кога бил издаден.
Според познавачите, заборавениот албум „Низ огледалото“ на Мидори Такада (1951), e eден од најдобрите примери за Јутјуб-кор. Таа е една од пионерите на амбиенталната и минималистичката музика, а физичкиот винил на албумот станал баран колекционерски артефакт токму по објавувањето на Јутјуб, во 2013. Денес го нема на сајтот, но на Такада ова ѝ овозможило светска турнеја, вклучително и за прв пат во САД.
Следеле и други албуми од различни музичари, од кои голем број се од истата јапонска амбиентална сцена од 1980-тите. Едно од најпознатите (иако не и амбиентално) е видеото на Марија Такеучи од 1984, од жанрот „сити поп“, кое денес има 45 милиони гледања, и има доживеано куп ремикси и мемиња.
Бенџамин Вин, кој настапува под името Деру, е композитор од Лос Анѓелес, како и дизајнер на звук, најпознат по својата работа на Avatar: The Last Airbinder. Неговото амбиентално дело „1979“, именувано по годината на неговото раѓање, од 2015 има собрано 4 милиони прегледи, а во склоп на целиот проект спаѓа и колаборативен фото-албум и измислена филозофија.
Додека Вин и жена му биле на одмор во Токио тие го слушнале албумот на звучници во хотелското лоби, иако тој воопшто не бил промовиран во Јапонија. А продажбата на физичкиот винил поради објавувањето на Јутјуб толку се зголемила, што во моментов во продажба е неговото четврто издание. Притоа, Вин никогаш немал контакт со човекот/луѓето кои го качиле албумот онлајн.
Од Јутјуб официјално не ги коментираат алгоритмите и причините кои би можеле да доведат до ваква популарност на навидум маргинални албуми. Но Масимо Аиролди, професор по бизнис, во 2016 објавил статија под наслов „Следи го алгоритамот: истражување на музиката на Јутјуб“, во која вели дека алгоритамот делумно се потпира на таканаречено „секвенцијално гледање“ - ако доволен број корисници го гледаат видеото Б по видеото А, тогаш за нив се смета дека се поврзани и оттаму препорачани. Во рамки на овој систем, жанровите престануваат да бидат едноставни технички дистинкции туку стануваат микро-концепти базирани на шеми на човечко однесување.
Каква и да е техничката страна на приказната, јасно е дека популарноста на Јутјуб-кор албумите кои биле објавени пред повеќе децении предизвикала нивните физички изданија да станат скапоцени. А некои дискографски куќи почнуваат повторно да ги објавуваат на винил, ЦД, па дури и на касети.
За крај уште една трака, на Такаши Кокубо, кој специјализира во исцелителска музика. Токму она што ни треба.