Во 1928 неколкумина шахисти од Германија ја формирале Internationaler Fernschachbund, првата меѓународна лига за дописен шах, кој се игра исто како и стандардниот, само што двајца играчи не седат еден спроти друг во живо, туку ги комуницираат своите потези преку поштенски картички. Со оглед на времето потребно за размена, се случувало една иста партија да трае неколку месеци, па дури и години.
Во 1939 лигата се растурила заради политичките тензии во нацистичка Германија, но и војниците и цивилите продолжиле да играат ваков шах. Ова завршило во 1943, кога цензорите од САД и Канада почнале да се интересираат за оние размени на картички кои се одвивале преку Атлантикот, поради страв дека тие се користат за пренесување тајни пораки на непријателите.
Цензурата се одвивала на следниов начин - се шкртала шаховската табла на картичката кој ја добивал секој Американец од јавните служби кој играл поштенски шах. Ова значело дека продолжувањето на играта е невозможно. Паранојата на прв поглед изгледа апсурдна, но во време на војна сè делувало сомнително. Освен тоа, биле познати претходни случаи на кодирање чувствителни воени информации преку шаховски потези.
Еден од првите вакви примери вклучувал актерка која живеела во Франција во текот на Првата светска војна, а која се спријателила со дипломат на неименувано странско дипломатско претставништво. Едно од нејзините први прашања кон него ѝ било дали познава добри шахисти во неговата земја. Дипломатот не бил упатен во ова, но за да ѝ направи ќеф на убавата госпоѓица препратил нејзина картичка до еден шаховски клуб со проблем кој таа наводно не можела да го реши. Излегло дека првиот потез бил искористен за да ги прикаже тогашните локации на француските трупи - ако се подели територијата на Франција на 64 квадрати како шаховска табла, позицијата на фигурите се совпаѓала со распоредот на француските резервни трупи.
Дури и да не е сосема вистинита, оваа приказна често се користи како опис на стеганографијата, уметноста и науката на кодирање тајни пораки во такви кои делуваат вообичаено. Се разбира, и оваа област се развивала, па во Втората светска војна морале да се смислат многу пософистицирани начини отколку обични шаховски проблеми. Сепак, дури и во времето кога Алан Туринг ја проби тајната на германското енкриптирање (начинот на работа на машината „Енигма“, измислена од германскиот инженер Артур Шербиус на крајот на Првата светска војна), тој го сторил тоа со помош на тим во кој имало и врвни шахисти.
Поштенски шах се уште се игра, и покрај сета технологија која стои на располагање денес. Меѓународната федерација на шах преку коресподенција брои 100,000 членови во над 60 земји. А дури и тие се уште да испраќаат тајни пораки на овој начин, тоа веројатно никогаш нема да го дознаеме.