Атом Егојан го памтиме по одличниот „Егзотика", но и по филмовите кои критиката речиси едногласно ги прогласи за промашувања („Ѓаволски јазол" или „Клое"), а кои ги режираше во последниве неколку години. „Сеќавај се" (Remember) се базира на многу интересна приказна, и на одлични актери. И токму заради ова вреди да се издржи променливиот ритам и жанровската невоедначеност на филмот, како и моментите кои граничат со патетичност.
Кристофер Пламер го игра Зев, пациент во старечки дом кој страда од деменција. Состојбата му се влошува по смртта на жена му Рут, и тој е на раб на целосно губење на меморијата. Во еден момент неговиот пријател од домот, Макс (го игра Мартин Ландау), го потсетува дека Зев има мисија - откако умрела жена му тој се заколнал дека ќе го пронајде човекот којшто во Аушвиц ги убил нивните семејства. Човекот кој бил „блок командер" во логорот се преселил во САД по војната, и го сменил името во Руди Коландер. Зев треба, согласно детално напишани упатства на неколку парчиња хартија кои му ги подготвува Макс како постојани потсетници, да ги најде сите четворица кои постојат под тоа име, и да го убие оној вистинскиот.
Така, со новокупениот пиштол Глок во џебот, тој влегува во неколку приказни кои се интересни и како самостојни етиди. Во една налетува на лик којшто го игра Бруно Ганц, човек кој војувал на страна на Германците под Ромел во Африка. Втор е болнички пациент на умирање, кој бил самиот затворен во Аушвиц, заради неговата хомосексуална ориентација. Трет е син на неодамна починат „Руди Курландер", кого го игра баџанакот на Хајзенберг од „Брејкинг бед". Не само што неговиот татко бил нацист, туку и тој самиот има такви, нацистички убедувања, истовремено работејќи како полицаец. Кога тој ја забележува тетоважата на раката на Зев почнува да станува агресивен, по што овој е приморан да го убие. Глокот е изваден и втор, и последен пат, кога Зев конечно го наоѓа вистинскиот блок командер, и го принудува пред целото семејство да го признае сопственото минато.
Тука, на пет минути пред крајот, се случува вистинскиот пресврт, кој наместо да биде најсилниот, излегува најслабиот момент во филмот. Зев воопшто не е Евреин туку и самиот бил нацист, а неговиот „пријател" од старечкиот дом го наместил поигрувајќи си со неговата меморија, за тој да си го ризикува животот убивајќи свој колега-нацист. Кога последниот Руди му го открива ова, потсетувајќи го на моментот кога си се тетовирале едни со други за да можат да поминат како преживеани логораши, и да одбегнат судење, Зеф вели „Се сеќавам" и се самоубива.
И покрај пренагласената драматичност која го уништува ефектот, поврзувањето на индивидуалната деменција со колективното отсуство на паметење кога се во прашање големите злодела е силна, и со оглед на јаките актерски фаци успева да го извлече филмот. На што ли ќе се сеќаваме, и што ќе заборавиме од она што денес ни се случува по седумдесет години?