The Hatchet Job of the Year Award (сленг за ’безмилосно уништување’) се доделува за најлутиот, најсмешниот и најзајадливиот книжевен осврт на годината од англиското говорно подрачје. Ја доделува The Omnivore, британски сајт за критика, чија цел е да го промовира интегритетот и луцидноста во книжевното новинарство, а таа изнесува - годишна достава на ракчиња.
Наградата има и свој манифест, во кој се осудува медиокритетноста и „мрзливите придавки", а читателот се става на прво место. „Критичарите се плашат за својот леб. Културниот дефицит од долготрајната неодговорна употреба на клишеа и суперлативи ќе треба да го отплаќаат бројни генерации. Време е книжевното новинарство - 'рбетот на некогаш гордата книжевна индустрија - да си го врати авторитетот. Ќе мора да се донесат тешки одлуки. Авторските ега ќе треба да се пресечат. Уредниците ќе треба да се повикаат на одговорност. Сакаме да му помогнеме на читателот да тежнее кон повеќе", велат во Омнивор.
Оваа година (втора по ред како се доделува наградата) добитничка е критичарката на Сандеј Тајмс, Камила Лонг, за критика на книгата „Последици" на Рејчел Каск (Rachel Cusk), која е автобиографска, и зборува за распадот на бракот на авторката.
„Во книгата се збуткани налудничави, цветни метафори, и помпезни писателски експерименти. Во неа има грозни пасуси за грчката трагедија и христијанскиот концепт на семејство, како и фрагменти од приказни за духови, референци на англосаксонската хептархија и тежок фројдовски симболизам (...) Читањето на последното поглавје е вонтелесно искуство - тоа ја опишува ситуацијата на главната хероина од перспектива на источно-европски зависник од таблети".
Она на што најмногу замера Лонг е тоа што иако книгата е замислена како исповед, таа очигледно ја извитоперува вистината, не објаснувајќи ниту зошто авторката и нејзиниот маж се разделиле, ниту пак зошто тој подоцна се вратил. „Наместо тоа, во книгата имаме страници и страници поетични хирови и површно книжевно дрндање, себично и невротично солирање на мандолина, рефлексија за жртвувањето на деца и дигресија за канализација. Таа не може да се сети 'што ја натерало да го уништи својот живот', ниту пак зошто ја напишала оваа книга. Штета, затоа што исповедното пишување би требало да ја изнесе вистината, целата вистина."
Целата критика можете да ја прочитате тука. Што да ѝ кажеме друго на критикуваната авторка освен - да не се секира.